Сити владее со Манчестер и повторно се доближи до Ливерпул

од Nikola Popovski

Фудбалерите на Манчестер Сити го победија Манчестер Јунајтед во дербито на 27. коло од англиската Премиер лига со 3:1.

Сити триумфираше на својот „Етихад“, иако поголемиот дел од времето заостануваше зад градскиот ривал, се додека Фил Фоден не го одлучи победникот. Тој со два гола беше јунакот во победата на „Граѓаните“, кои речиси во текот на целиот натпревар беа подобри и тоа го покажаа на крајот и на семафорот.

Јунајтед рано поведе со фантастичниот гол на Маркус Рашфорд, кој одговори на неодамнешните критики. Рашфорд блесна во осмата минута на додавањето на Бруно Фернандеш.

Сити подоцна ја презеде иницијативата и создаваше шанси, по што го видовме и неверојатното промашување на годината на Ерлинг Халанд на само два-три метри од голот, но Јунајтед се одбрани и со малку среќа ја сочува мрежата се до 56. минута.

Тогаш беше израмнет резултатот на 1:1. Својата класа Фоден ја потврди по додавањето на Родри, со одличен удар од работ на шеснаесетникот.

Во 80. минута истиот играч добро влета во просторот и од левата страна по земја го пронајде празниот агол од голот на Онана за пресврт.

На крајот од натпреварот, Халанд ја искористи нереалната грешка на Софијан Амрабат и ги потврди конечните 3-1.

Лошата вест за Сити е што во еден момент Оскар Боб мораше да го замени Фоден поради повреда, која талентираниот играч на Сити ја заработи во 97. минута. Сеуште не се знае дали се работело само за претпазливост, но Сити мирно го приведе натпреварот до крај и стигна до 62 бода. Моментално се втори во Премиер лигата, со бод помалку од водечкиот Ливерпул. Јунајтед моментално е шести со 44 бодови.

Слични содржини