Ситуацијата станува сè понапната во Европа: Аеродромите во Италија објавија предупредување

Иако се верува дека причината за недостигот на гориво е блокадата на Ормускиот теснец, италијанската Национална управа за цивилно воздухопловство тврди дека ограничувањата всушност се резултат на зголемениот сообраќај, кој секогаш се јавува за време на велигденските празници

од Кристијан Димков
6 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Сè поголем број италијански аеродроми се соочуваат со недостиг на авионско гориво, во време кога војната на Блискиот Исток се разгорува.

Потсетуваме, предупредувања за потенцијален недостиг на гориво пристигнаа уште во саботата наутро, а особено се однесуваа на аеродромите Болоња, Милано Линате, Тревизо и Венеција.

Сепак, во понеделник беше соопштено дека аеродромот Бриндизи ќе остане без гориво за авиони најмалку до вторник напладне. Ограничени количини се достапни само за владини, итни и медицински летови, пишува италијански „Скај“.

Тоа значи дека авиокомпаниите нема да можат да дополнуваат гориво на аеродромот во Бриндизи и ќе мора однапред да ја пресметаат потребната количина гориво од претходниот аеродром за следните делови од летот.

Уште шест други аеродроми имаат ограничени резерви. Покрај веќе споменатите – Милано Линате, Венеција, Тревизо и Болоња, тука се и Реџо ди Калабрија и Пескара.

Во Реџо ди Калабрија е воведено ограничување од 3.000 литри по авион, додека во Пескара останал само еден цистернен камион.

Иако се верува дека причината за недостигот на гориво е блокадата на Ормускиот теснец, италијанската Национална управа за цивилно воздухопловство тврди дека ограничувањата всушност се резултат на зголемениот сообраќај, кој секогаш се јавува за време на велигденските празници.

Европа увезува околу 30 проценти од своето авионско гориво, а некои авиокомпании, како „Рајанер“ и „Луфтханза“, веќе предупредија на последиците доколку конфликтот и блокадата на нафтата што се транспортира во Персискиот Залив се продолжат во мај или јуни