Ситуацијата во Газа станува алармантна – помошта не пристигнува на време

од Марта Пешевска
19 прегледи

Палестинската Црвена полумесечина денес соопшти дека жителите на Појасот Газа сè уште не добиле хуманитарна помош која требаше да пристигне оваа недела, и дека испраќањето на само мал број камиони со помош претставува сериозен ризик за стампедо и насилни грабежи. „Ниеден цивил сè уште не добил помош. Повеќето камиони се уште чекаат на граничниот премин Карем Шалом и не се доставени до Газа“, изјави Јунис Ал-Хатиб, претседател на Палестинската Црвена полумесечина.

Тој предупреди дека е многу тешко да се спречат стампеда и насилства што може да настанат поради недоволната количина на помош. Ал-Хатиб истакна дека активностите на Палестинската Црвена полумесечина во Газа би можеле да бидат целосно прекинати во наредните денови поради недостаток на помош и особено на гориво, што го намалува капацитетот на амбулантните возила на само една третина.

По 11 недели блокада, првите камиони со брашно и други основни залихи почнаа да пристигнуваат во најранливите делови од Газа откако Израел дозволи делумно олеснување на блокадата. Меѓутоа, палестинските претставници велат дека тоа е далеку од доволно за да ги надомести големите потреби создадени по речиси три месеци ограничувања.

Израел вчера соопшти дека пуштил 100 камиони со храна за бебиња и медицински материјали, два дена по првото олеснување на блокадата, кое беше резултат на силниот меѓународен притисок и предупредувањата за можен глад во Газа. Претседателот на Палестинската Црвена полумесечина во Женева рече дека организацијата се соочува со критична ситуација и дека нивната работа во Газа може да запре наскоро.

„Може да поминат уште неколку дена, но горивото ни е при крај. Амбулантните возила сега можат да работат само една третина од капацитетот. Некои од нив веќе престанаа да работат, а дел од возилата обезбедени од Обединетите нации користат соларна енергија“, објасни тој.

Палестинската Црвена полумесечина е дел од Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина и обезбедува медицинска помош во Појасот Газа и на Западниот Брег, кој е под контрола на Израел. Израел, кој од 2023 година е во војна со Хамас, главната милитантна група во Газа, ја контролира и хуманитарната помош што влегува во енклавата. Израел тврди дека има доволно храна во Газа и ги негира обвинувањата дека неговата блокада предизвикува глад и страдање кај цивилите.

Слични содржини