Илјадници жители на Сиднеј денеска добија наредба да се евакуираат од најголемиот град во Австралија, бидејќи обилните дождови и силните ветрови продолжуваат да го зафаќаат источниот брег на Австралија.
На околу 50.000 жители на австралиската држава Нов Јужен Велс, главно во западните предградија на Сиднеј, им е издадено ова предупредување за можна евакуација, соопштија властите, пренесе „Ројтерс“.
„Ситуацијата е далеку од завршена. Каде и да сте, внимавајте кога возите по патиштата. Сè уште има значителни ризици од поројни поплави“, рече премиерот на Нов Јужен Велс, Доминик Перот на прес-конференција.
Интензивниот систем на источниот брег на Австралија, кој донесе обилни врнежи во некои делови на Нов Јужен Велс, каде што за три дена врнеше колку што обично паѓа за околу една година, се предвидува да се премести на север, објави метеоролошката служба.
Но, заканата од поплави може да остане во текот на неделата, бидејќи повеќето речни сливови се веќе блиску до капацитетот.
Во некои региони падна 800 mm дожд од саботата, што ги надминува просечните годишни врнежи во Австралија од околу 500 mm.