Сиви облаци над глобалната економија

од Vladimir Zorba
366 прегледи

ИНВЕСТИТОРИТЕ кои се надеваат на поволна Божиќна недела би можеле да бидат многу разочарани бидејќи вредноста на акциите и цените на нафтата паѓаат поради растечките закани за глобалната економија.

Фјучерсите на Dow паднаа за 575 поени, или повеќе од 1,6 отсто, заклучно со понеделник наутро, додека референтната цена на суровата нафта од типот „Брент“ падна за околу три отсто на 71 долар за барел. Индексите на главните берзи во Европа и Азија паднаа за околу два отсто, иако Shanghai Composite се снајде нешто подобро, благодарение на скромното намалување на каматните стапки во Кина, пишува Си-Ен-Ен.

Продажба

Се чини дека два фактори силно ја поттикнуваат распродажбата. Зголемениот број на заразени со видот „омикрон“ во Европа и САД веќе ги напаѓаат бизнисите и ги принудуваат владите да ги заострат ограничувањата во критичен период од годината за индустријата за забава и малопродажба. И прогнозите за американската економија веќе не се толку оптимистички откако демократскиот сенатор Џо Манчин рече дека ќе се спротивстави на предлогот „Build Back Better“ на администрацијата на Бајден вреден 1,75 трилиони долари.

„Комбинацијата на нервозата поради „омикрон“, особено во Британија и Европа, и неуспехот на планот за трошење на американскиот претседател Џо Бајден предизвика пад на азиските акции, како и на Волстрит во петокот“, напиша Џефри Хали, висок пазарен аналитичар на „Oanda“ за азиско-пацифичката област.

Goldman Sachs не губеше време да ја намали својата прогноза за економскиот раст на САД по изјавата на Манчин за „Фокс њуз“ во неделата. Оваа компанија од Волстрит ги информираше своите клиенти дека повеќе не верува дека законот на Бајден ќе помине во Конгресот. Goldman Sachs сега очекува раст на БДП на САД со годишна стапка од два отсто во првиот квартал, што е значително помалку од претходната прогноза од три отсто.

Песимизмот се шири

Дополнително, песимизмот се шири поради заканата што „омикрон“ ја претставува за бизнис секторот. Овој високо заразен вид е идентификуван во најмалку 45 американски држави, како и во Порторико. Бидејќи видот „делта“ е сè уште присутен, бројот на случаи на Ковид-19 расте во некои области. Њујорк три дена по ред бележи рекорден број на новозаразени со Ковид-19.

„Омикрон“, исто така, брзо се шири во Европа, што ги натера националните влади да воведат нови мерки за ограничување на патувањата и социјалните активности. Холандија во неделата воведе строги мерки за заклучување, додека Франција во петокот соопшти дека ќе ги забрани големите настани и собири на отворено на новогодишната ноќ. Данска неделава ги затвори кината и театрите и го ограничи бројот на луѓе во продавниците. Германија, најголемата економија во регионот, веќе е на работ на рецесија.

„Дури и ако „бустер“ дозите се ефикасни во намалувањето на здравствените ризици, брзото ширење на „омикрон“ сепак може да ги преоптовари здравствените системи и да ги принуди земјите да ја следат Холандија и да усвојат економски поштетни ограничувања“, напиша во понеделникот главниот економист на „Berenberg“, Холгер Шмидинг.

Доколку тоа се случи, еврозоната и Велика Британија би можеле да се соочат со пад на нивните економии од еден отсто во првиот квартал од 2022 година, во споредба со последните три месеци од оваа година, додаде Шмидинг.

Нови ограничувања?

Британскиот вицепремиер Доминик Рааб во понеделникот изјави за „Скај Њуз“ дека не може да исклучи нови ограничувања поради Ковид-19 пред Божиќ во Англија. Во Лондон, некои барови и ресторани беа принудени да ги затворат вратите поради зголемениот број на инфекции меѓу персоналот и намалениот број на гости. Шест натпревари од англиската Премиер лига се одложени за викендот поради отсуство на фудбалери поради Ковид-19.

Кина веќе доживува големо економско забавување поради кризата со недвижностите, мерките против приватните компании, епидемиите на Ковид-19 кои го нарушија производството и превозот, како и недостигот на електрична енергија. Аналитичарите велат дека втората по големина економија во светот следната година би можела да расте со најбавно темпо од 1990 година.

Националната банка на Кина ја намали референтната каматна стапка на заемите во понеделникот за прв пат по 20 месеци, но олеснувањето на берзата брзо избледе, заклучува Си-Ен-Ен.

Слични содржини