Советот на јавни обвинители исто така се противи на најавата за распуштање на ова тело, по реакцијата и од Судскиот совет.
-Може да предизвика штета, со оглед дека институциите мора да го имаат својот континуитет и мора да се работи на подобрување на законските решенија. Колективна одговорност не може да има – мора да биде индивидуална со посочување на оние чинители кои што се огрешиле пред законот. Распуштањето би било штетно за целокупната обвинителска организација. Имаме и други законски надлежности. Обвинителството се соочува со недостиг на голем број обвинители и целосно би се нарушила работата на ЈО, кажа претседателката на Советот на Јавните обвинители, Душица Димитриеска.
Има недостатоци кои можат да се подобрат со законски измени, но според неа, Советот успешно си ја врши работата за која како што рече, нема негативни забелешки во домашните и меѓународните извештаи.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева пред два дена кажа не ја поддржува тезата за колективна одговорност и за распуштање на Советот и смета дека индивидуалната одговорност мора да биде санкционирана и точно детектирана. Вели дека секоја одговорност има и презиме.
-Ако се оди по принципот на распуштање на Судскиот совет, се надевам дека, пред се ќе се почитува Уставот. Во период од распуштање до конструирање на нов Совет, ќе настане вакуум период, кој иако би бил краток, постои опасност да застарат одредени постапки кои што се иницирани од граѓаните за нестручно и несовесно постапување на одредени судии. На граѓаните не им е важно кои се членовите и претседателот и што се дискутира на Судскиот совет, туку им е важно да постапува во надлежностите и кој судија останува во судницата. Сите реформи што се спроведуваат, се во интерес на граѓаните и тие заслужуваат ниту еден судија да не влезе во суднина и да дели правда, односно неправда, затоа што по сила на закон застарела одредена постапка против него. Граѓаните заслужуваат правда, рече Дамева.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека „убава е позицијата“ на членовите на Советите.
-Секој месец да си земате плата, а да имате 2% доверба кај граѓаните – седнати во дебели кожни фотелји и со црвени килими и секој ден да си доаѓате на работа, да броите илјадници евра месечна плата, а кај граѓаните да уживате само 2% доверба. И нормално е кога некој ќе сака да направи реформа и да го реши тоа, веднаш од другата страна имаме одбранбен механизам. Нашата реформа предвидува да нема повеќе удобни фотелји и да има отчетност и одговорност, кажа премиерот.
Вели дека „доколку би имал 2% доверба, веднаш би се засрамил и би ја напуштил работата која што ја работи. Ќе се занимавам со нешто друго“.
Дијалогот со новата влада продолжува. Неопходни се реформи и владеење на правото, евроамбасадорот Дејвид Гир и германската амбасадорка Петра Дрекслер. Директно не ја коментираа изјавата на премиерот Мицкоски дека странските дипломати се со практика да се мешаат во внатрешните работи на државата, но се согласуваат дека се потребни промени во судскиот систем.
Распуштање и законска реформа на Судскиот совет е дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ од предизборната кампања. Премиерот Мицкоски во досегашните негови јавни настапи реформата на ова судско тело ја посочуваше како еден од приоритетите на актуелната власт.
Согласно Законот за Судски совет членовите на Советот од редот на судиите имаат мандат од шест години, со право на уште еден избор по истекот на најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат.