Скандал во германскиот парламент: Пратеник од АФД ја посочи Сребреница како „доказ дека мултикултурализмот не функционира“, колегите го исвиркаа

Кулминацијата на скандалот дојде со Мартин Сихерт.

од desk2
13 прегледи

Германскиот Бундестаг денешната седница ја отвори со одбележување на 30-та годишнина од масакрот во Сребреница, при што во текот на 60-минутната расправа можеше да се чујат многу зборови на сочувство и жалење. Но не и од крајнодесната партија „Алтернатива за Германија“ (АФД), кои се обидуваа да го релативизираат геноцидниот масакр, а еден пратеник од оваа партија беше и силно исвиркан во пленарната сала.

Претседателката на германскиот парламент, Јулиа Клекнер ја отвори расправата со зборовите дека геноцидот во Сребреница е „неуспех на меѓународната заедница и ОН“, како и дека станува збор за најголемото воено злосторство во Европа по Втората светска војна.

На таа порака се надоврза нејзиниот партиски колега од ЦДУ, Гинтер Крихбау, кој рече дека „Сребреница е предупредување дека не треба да го свртуваме погледот.

Сиемтје Мелер, потпретседателка на пратеничката група на СПД рече оти до геноцидот дошло „оти тоа го дозволила меѓународната заедница“. Говореше и нејзиниот партиски колега Адис Ахметовиќ, кој потсети дека луѓе во БиХ биле убивани и на други локации. Тој кажа дека неговиот дедо бил убиен во Котор Варош, а посмртните останки биле откриени дури во 2016 година.

Но духот на сочувство се обидоа да го разбијат пратениците на АФД, со скандалозни обраќања.

Првин Александер Волф го релативизираше геноцидот, велејќи дека тоа е „погрешна правна квалификација“. Потоа додаде дека „Србите ги убивале мажите, ама ги поштедиле жените и децата“, што е неточно, како и дека „наметнување на култура на сеќавање од надвор е сосема погрешен пристап“.

Сепак, кулминацијата на скандалот дојде со Мартин Сихерт, кој го искористи одбележувањето на 30-годишнината од геноцидот за релативизација и промовирање радикализам и го нападна мултикултурализмот.

„Она што можеше да се види во големи размери во текот на војната во Југославија, може да се доживее во помал обем во речиси секој училишен двор во Германија сега. Сребреница нѐ потсетува дека мораме да го сопреме мултукултурализмот пред да биде предоцна“, рече тој.

Уследија бурни реакции од неговите колеги, со свиркање и дофрлање „срамота, одвратно, неверојатно“.

Слични содржини