Денес и утре, ЈП „Стрежево“ кое инаку стопансува со скијачкиот центар „Нижо Поле“, ќе им овозможи на скијачите бесплатен скијачки викенд.
Патеките за скијање во центарот кој е на 1600 метри н.в. се подготвени, а меѓудругото на располагање се ставени и три ски лифта кои вкупно се долги 2150 метри и имаат капацитет од 3000 скијачи на час.
„Снег има доволно и скијачките патеки се подготвени за скијање, но нашата прва задача во пресрет на бесплатниот скијачки викенд беше да ги извршиме, и ги извршивме сите подготовки за безбедно скијање и престој на скијачите и рекреативците со почитување на мерките за заштита од Ковид-19. Викендов имаме посебна редарска служба, ќе предупредуваме за задолжително носење на маски и одржување на дистанца“, посочи Методија Граматковски, генереален директор на ЈП „Стрежево“ – Битола.
Скијачкиот центар „Нижо Поле“ кој се наоѓа над истоименото населено место на планината Баба ќе овозможи и ноќно скијање доколку тоа го дозволат временските услови, најавија од ЈП „Стрежево“.