Склучен Меморандум за соработка меѓу Народната банка и Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ

од Nikola Popovski
241 прегледи

Соработката меѓу Народната банка и Германското друштво за меѓународна соработка, којашто поблиску се воспоставува со склучениот меморандум, ќе придонесе кон натамошно јакнење на активностите за спречување перење пари и финансирање тероризам. Договорено е обезбедување финансиска поддршка за постојан пристап на овластените супервизори на Народната банка до меѓународната база на податоци, што придонесува за исполнување на законските надлежности на централната банка за лиценцирање и вршење надзор. На средбата на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Викторија Глигорова, генералната директорка на супервизија со Давид Оберхубер, директорот на Канцеларијата на ГИЗ за Северна Македонија и Илија Бундалески, советник во Глобалната програма за спречување нелегални текови на пари за Северна Македонија, стана збор и за следните чекори за натамошно унапредување на активностите за спречување нелегални финансиски текови.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека супервизорските овластувања на Народната банка, како една од институциите којашто придонесува во сферата на спречување перење пари, налагаат примена на одредени мерки и дејствијата врз банки, штедилници, менувачници и даватели на услуги за брз трансфер на пари, како и на други финансиски институции коишто даваат платежни услуги за спречување перење пари и финансирање тероризам. Преку заемната соработка со ГИЗ, како и поддршката за поврзување на Народната банка со платформата, базата на податоци, супервизорите на Народната банка ќе имаат пристап до меѓународни извори на податоци за спречување перење пари и финансирање тероризам, првенствено до списоци со меѓународни санкции и до други релевантни податоци. Притоа, додаде дека со Меморандумот се овозможува зголемување на ефикасноста во примената на препораките и меѓународните стандарди коишто имаат за цел да ги спречат овие незаконски активности и штетата што тие му ја предизвикуваат на општеството, донесени од глобалното набљудувачко тело за перење пари и финансирање тероризам ‒ Работната група за финансиски активности (ФАТФ).

Германското федерално министерство за економска соработка и развој заедно со Норвешкото министерство за надворешни работи му овозможи мандат на ГИЗ преку Глобалната програма за справување со недозволени финансиски текови да ги спроведе своите активности со кои се обезбедува поддршка за зајакнување и развивање на глобалните, регионалните и националните системи за борба против незаконските финансиски текови. ГИЗ е активно ангажирано во Република Северна Македонија од 1992 година воспоставувајќи соработка со локалните партнери посветени на поддршка на реформските напори на земјата во ЕУ преку различни иновативни развојни пристапи.

Слични содржини