Škoda би можела да го напушти кинескиот пазар или да го намали своето присуство

од Vladimir Zorba
194 прегледи

Škoda моментално ја проценува својата позиција во Кина, каде излегувањето од најголемиот автомобилски пазар во светот е еден од можните резултати во услови на силна конкуренција.

Ваквиот потег ќе помогне на Volkswagen Group да го зголеми присуството на клучниот бренд VW во Кина и да и овозможи на Škoda да се фокусира на други, попрофитабилни пазари.

Како што пренесува Automobilwoche, Клаус Зелмер, генералниот директор на Škoda, истакнал: „Заедно со нашиот кинески партнер ќе размислиме како сакаме да продолжиме таму“.

Коментарите следеа по значителниот пад на продажбата на чешкиот производител на автомобили во Кина, некогаш неговиот најголем пазар со повеќе од 30% од глобалната продажба на Skoda. Оваа бројка падна на 13% во 2021 година и се очекува уште повеќе да се намали во 2022 година. Во првите три квартали од годината, продажбата на Skoda падна за 31% во Кина и 22% на глобално ниво.

Зелмер посочи и дека „Ако сакаме да ги фокусираме нашите напори, вреди да се разгледаат можните сценарија и потоа да се одлучи“.

Една од овие опции би била Škoda да го запре локалното производство на возила, ограничувајќи ја својата гама на увезени модели. Чешката марка моментално има неколку модели специфични за Кина во својата гама, вклучувајќи ги „GT“ варијантите на Kodiaq и Kamiq, плус Octavia Pro со подолго меѓуоскино растојание.

Доколку Škoda одлучи да го напушти или намали своето присуство на кинескиот пазар, средствата би можеле да се пренасочат во други делови на светот. Производителот на автомобили е одговорен за бизнисот на групацијата VW на растечкиот индиски пазар, а исто така планира да се прошири и во Виетнам. Според Škoda, виетнамскиот пазар има потенцијал до 40.000 годишни продажби, поради што активно бара отворање на нова фабрика во која автомобилите би можеле да се склопуваат од 2024 година.

Овие потези би можеле да ги ублажат финансиските последици по излегувањето на групацијата VW од Русија. Зборувајќи за тоа, Зелмер рече: „Консолидацијата на Volkswagen Group Русија во рамките на нашите финансиски резултати природно претставува посебен предизвик за Škoda, со негативен ефект врз оперативниот резултат во трицифрена милионска сума“, додавајќи дека „иднината на пазарот во Русија е неизвесен“.

Портпаролот на VW изјави за Ројтерс дека „нормална деловна процедура е Škoda постојано да ја проверува својата позиција на меѓународните пазари и да ја приспособува на локалниот развој“, додавајќи дека „досега немало одлуки за можни модификации на нашата стратегија“.

Слични содржини