СКРМ: Го молиме министерот денес да биде исплатена платата за месец август, а со тоа и здравственото осигурување на вработените во НУ Охридско лето

од Илинка Илиоска
28 прегледи

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) одговори со остра реакција на соопштението од Министерството за култура и туризам, обвинувајќи за незаконско одложување на исплатата на платите на вработените во НУ „Охридско лето“ за август 2024 година.

„Министерството ги оневозможува вработените да го остварат своето законско право на плата,“ се наведува во соопштението на СКРМ, додавајќи дека институцијата користи „селективно цитирање на законски одредби“ за да ги оправда своите постапки.

Според СКРМ, министерството свесно избегнало да спомне дека Државниот инспекторат за труд веќе извршил надзор и издало задолжително решение, барајќи од Министерството за култура и туризам и НУ „Охридско лето“ да ја извршат исплатата на платите за месец јуни. „Министерството не ги презема своите обврски и на вработените им остава да ги бара своите права преку судски постапки,“ изјавуваат од Синдикатот.

СКРМ нагласува дека „секој работник има право на основна плата, дел од платата за работната успешност и додатоците на плата,“ во согласност со Законот за работни односи. Според нив, Министерството за култура и туризам инсистира на непочитување на овие основни права, предлагајќи плата „без додатоци“ – нешто што од Синдикатот го осудуваат како „директно кршење на правата од работен однос.“

„Правото на плата не може и не смее да биде предмет на пазарење,“ потенцираат од СКРМ, истакнувајќи дека вработените се должни да добијат соодветна компензација за прекувремена работа, работа во смени, на празници и неработни денови. СКРМ предупредува дека вработените се подготвени да ги остварат своите права пред граѓански суд, доколку Министерството продолжи да ги одложува исплатите: „Ако Министерството верува дека може да ги избегне своите обврски, нека биде подготвено да се соочи со судски постапки за кршење на работничките права,“ се истакнува во соопштението на СКРМ.

„Министерството се обидува да ги уценува вработените, предлагајќи им компензации кои не го одразуваат вистинскиот труд што е вложен во фестивалот,“ велат од СКРМ, додавајќи дека овој настан го поддржува веќе 64 години и е гордост на македонската култура. СКРМ потсетува дека дури и самиот министер при отворањето на фестивалот изразил воодушевување за ова културно случување, нарекувајќи го „епицентар на македонската култура“.

„Го молиме Министерот за култура и туризам, да застане на страната на вработените, да им ја исплати платата а со тоа и здраственото осигурување за месец август и сега веќе и за месец септември, а доколку понатаму утврди дека постоеле неправилности соодветно да ги санкционира, за што ќе ја има и поддржката на СКРМ. Вработените не се должни да ги трпат меѓуинституционалните недоразбирања и процеси кои можат да траат уште долго“, истакнуваат од СКРМ.

Слични содржини