Поранешниот фронтмен на Пинк Флојд, Роџер Вотерс, даде политичко интервју за Си-Ен-Ен во кое, меѓу другото, ги обвини новинарите дека премногу веруваат во пропагандата на нивната ТВ станица.
Вотерс моментално е на северноамериканска турнеја „This Is Not A Drill“. За време на изведбата, на сцената има огромни екрани кои прикажуваат слајдови од луѓе кои Вотерс ги нарекол „воени злосторници“.
Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, е прикажан веднаш по неговиот претходник Доналд Трамп со ознака која им кажува на посетителите на концертот дека актуелниот американски претседател „штотуку почнува“.
Водителот на Си-Ен-Ен, Мајк Смеркониш од Си-Ен-Ен изјави дека е љубител на музиката на Вотерс, но се оградува од некои негови политички ставови. Вотерс бил прашан зошто мисли дека Бајден е поставен на екранот со воени злосторници, пренесува „НМЕ“.
– Па, тој го разгорува пламенот во Украина, за почеток – тоа е огромно злосторство – одговорил музичарот, реторички возвраќајќи:
– Зошто Соединетите Американски Држави не го охрабруваат Зеленски, украинскиот претседател, да преговара, избегнувајќи ја потребата од оваа ужасна, ужасна војна која убива…
Смерконис одговори дека „ја свртел приказната“ и дека погрешно „ја обвинува страната што била нападната“. Вотерс гласно не се согласува, бранејќи ја својата позиција велејќи:
– Па, секоја војна, кога почнала? Она што треба да направите е да ја погледнете историјата и да кажете: „Па, започна на овој ден“. Може да се каже дека започна во 2008 година – оваа војна во основа е акција и реакција на НАТО туркањето до руската граница, што тие ветија дека нема да го направат кога Горбачов преговараше за повлекување на СССР од цела Источна Европа.
Смеркониш побара од Вотерс да ја разгледа улогата на САД како „ослободител“ во војната меѓу Украина и Русија, на што тој одговори:
– Немате улога на ослободител! За што зборуваш?
Водителот потоа ја навел Втората светска војна како пример, што Вотерс брзо го демантирал:
– Вие (САД) влеговте во Втората светска војна поради Перл Харбор. Бевте целосни изолационисти до таа тажна, разорна, страшна 1941 година.