Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, информира дека очекува трендот на намалување на стапката на инфлација да продолжи, односно во наредниот период да биде пониска од три отсто,а на среден рок да се вратиме на ниво од два процента.
Славески денеска на прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање, напомена дека иако очекува да има намалување на инфлацијата, сепак тоа не зависи само од инструментите на Народната банка, туку и од фискалната политика, која што за сега е во рамките на стабилизирање на инфлацијата и задржување на надолниот тренд.

Фото: Локално
-Очекуваме и посакуваме во наредниот период, стапката на инфлација да биде пониска од три отсто, а на среден рок, да речеме во период од две години, да се вратиме на историските нивоа што ги имавме подолг период, односно стапката на инфлација, во рамките на инфлацијата што е присутна во еврозоната, да е од околу два проценти, додаде Славески.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека се намалува инфлација на месечно ниво и очекува трендот да продолжи и да се дојде до под три проценти. Тој потенцираше дека водат стабилна макроекономска политика.
– Да, тоа е месечната ставка, вклучително и годишната стапка. Ако се гледа, споредено со јули имаме намалување од 4, 8, на 4, 4 проценти. Очекувам тој тренд полека да продолжи, да дојдеме до оние стабилни под 3 проценти да речеме околу 2-2,5. Тоа е она што го очекуваме во периодот којшто следи, рече Мицкоски.
Б.Т.