Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески денеска на прес-конференција информираше дека се очекува инфлација за целата 2025 година да изнесува 3,9 проценти во просек. Тој напомена дека во понатамошниот период на проекциите ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек.
Следствено, како што потенцираше, инфлацијата ќе се сведе на 2,5 отсто во 2026 година и 2,0% на среден рок. Гувернерот напомена дека постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени.
Како што информираше, состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна.
-На крајот на октомври, нивото на девизните резерви изнесува 4.842,9 милиони евра, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно ниво. Последните проекции за надворешната позиција укажуваат на дефицит на тековната сметка од 4,2% од БДП во 2025 година, што претставува одредено продлабочување во споредба со претходната година. На среден рок, за периодот 2026 ‒ 2028 година, се предвидува постепено стеснување на дефицитот и негово сведување на 2,6% од БДП во 2028 година, рече Славески.
Според Славески, се очекува дека финансиските текови ќе бидат солидни во текот на периодот на проекциите, обезбедувајќи целосно финансирање на дефицитот и раст на девизните резерви.
Б.Т.