Сите лица со нерешено станбено прашање, коишто немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува тоа да бидат претежно млади лица и млади брачни парови, согласно новата одлука на Народната банка, се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, да добијат станбен кредит и со учество од 10 проценти од вкупната вредност на објектот за живеење.
Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15 проценти на 25 проценти од вредноста на станот.
Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година. Како што информираше на денешната прес-конференција гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, оваа одлука денеска на седница ја усвои Извршниот одбор на Народната банка.
Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55 проценти за изложеноста во денари и 50 проценти за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50 проценти за изложеноста во денари и 45 проценти за изложеноста со валутна компонента.
Гувернерот рече дела олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.
-Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити, посочи Славески.
Б.Т.