Славески: Со непојавување на седници на советнички прашања, очигледно Арсовска решила до крајот на мандатот да не одговара на советниците

од Radmila Tasevska
137 прегледи

„Можеби ќе беше подобро да беше недела – две претходно започнато украсување на градот, но еве како Совет немаме никаква надлежност во врска со тие оперативни активности на Град Скопје. Тоа е целосно во рамките на надлежностите на градоначалникот и на секторите на Градот Скопје“, истакна Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ24.

Славески додаде дека нема информација колку чини украсувањето на градот.

„Причините зошто и вчера градоначалничката не се појави на седница на Советот не ги знаеме. Очигледно госпоѓата градоначалник Арсовска решила до крајот на мандатот да не одговара на прашања од членовите на Советот. Ова го тврдам затоа што веќе 8-9 месеци немаме седница за советнички прашања успешна, но ние ги закажуваме. Затоа што во Деловникот за работа на Советот стои обврска да на секој втор месец, на почетокот на месецот се закажува таа седница“, појасни Славески.

Тој посочи дека практиката е да претседателот на Совет писмено се обрати кога се планира таква седница и да понуди неколку датуми. Тоа тој го направил на 20-ти ноември, понудени биле датумите 6.12 и 14.12. Но, на тоа тој не добил одговор.  И кога поминал рокот за закажување на седница на 6-ти, тогаш поради деловничката обврска седницата била закажана на 14-ти декември.

„Седницата не се одржа затоа што најголемиот број од советниците и од двете поголеми коалиции, едната предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а другата од СДСМ имаат став кој што го искажуваат на почетокот на секоја седница, а тоа е дека кога отсуствува градоначалникот Арсовска не постојат услови за да се одржи една седница“, рече тој.

Славески појасни дека ги охрабрува советниците писмено да поставуваат прашања бидејќи Арсовска и службите се должни да одговорат во рок од 30 дена.

„Ние досега имаме одржано 39 редовни седници, 9-10 вонредни седници, сите се завршени и затворени“, укажа тој.

Слични содржини