„Обвинуваат за Хитлер, а се однесуваат како него. Обвинуваат за деспот, а применуваат деспотски методи. Со неверување ја добив веста дека претседателот на синдикатот во ЈП Водовод и канализација е избркан од работа. Без разлика кои причини ќе ги наведе градоначалничката Арсовска, и не спорам дека тука ќе бидат креативни во обвинувањата, и без разлика дали некој се согласува со ставовите на синдикатот или не, бркањето од работа поради изразен став и поради борба за заштита на работнички права го сметам за нецивилизиран чин на самоволие и дрско нарушување на интегритетот на работничките права и на работниците воопшто“, вели Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески
„Бруталното замолчување на гласот на синдикалното движење е одлика на исплашен систем, кој масовно ги крши правата. Ваквата одлука е спротивна на моите уверувања како претседател на Совет на град Скопје, а верувам дека е спротивна и на огромното мнозинство советници чиј интегритет и заштита на верувањата се во преден план. Тоа не е начинот на кој градот треба да се води, преку газење на слободата и правата на другите, колку и тие да се различни и спротивни.
Колку и да е тажно, ова буди асоцијации на некои од најмрачните времиња од историјата на ХХ-тиот век. На 2. мај 1933 година беа окупирани канцелариите на синдикатите во Германија, беа конфискувани нивните средства и синдикатите беа официјално укинати, а нивните лидери уапсени. Голем број синдикални лидери беа претепани и испратени во концентрациони кампови, вклучително и такви кои претходно се беа согласиле на соработка со Нацистите.
Погазувањето на синдикалните права на работниците заслужува најостра осуда! Тоа е нешто во што силно верувам“, истакна Славески.