BMW, како и повеќето производители, моментално минува низ фаза на прилагодување на својата гама за да „вклопи“ што е можно повеќе електрични модели. Иконската серија M ќе доживее и електрификација.
Електрификацијата на автомобилите, во согласност со прописите во Европа и поголемиот дел од светот, ќе биде главна тема во наредните години, а производителите ќе треба да одлучат кои модели да ги исклучат и да ги заменат со целосно нови, а кои да ги електрифицираат. BMW има слични проблеми со својата серија М, спортски автомобили кои отсекогаш биле украсени со моќен звук и високи перформанси, па со текот на времето станале омилени меѓу клиентите. И кај нив ќе треба да дојде електрификацијата, а BMW одлучи кога ќе се случи тоа, пишува „Autonet“.
Имено, нивната политика е дека секоја верзија со ознака М мора да биде помоќна од претходната. Така, доколку електричните погони дозволат следната варијанта да биде посилна од постоечката, моделите М3 и М4 би можеле да се појават, исклучиво на електричен погон, во текот на 2027 или 2028 година. Доколку електричните погони не понудат таков напредок, баварската компанија ќе се одлучи за нова генерација бензински мотори. Исто така, сигурно е дека BMW нема истовремено да нуди електрични и класични M модели, но и дека нема да нуди хибриди – ова го потврди шефот на М одделот на BMW, Френк ван Мел.
Во интервју за порталот „WhichCar“ откри и еден интересен факт. Инженерите веќе истражуваат дали има смисла да се симулира менувач, т.е. чувството на промена на брзината, звуците и вибрациите што се појавуваат – кај новите електрични модели.
Имено, возачите на моделите М3 и М4 често ги возат по тркачките патеки, кога не гледаат во брзиномерот, туку се потпираат исклучиво на други сетила за да добијат чувство за тоа што прави автомобилот и кога е на својот „лимит“. Со преминот кон електричните погони тоа би можело да исчезне, па можеби во новите модели ќе ја вградат симулацијата на менувачот и класичниот погон, се со цел возачкото искуство да остане слично на постоечкото.