Слика на Ван Гог, изложена по 100 години, достигна цена од 13 милиони евра

од Vladimir Zorba
360 прегледи

Сликата на Винсент ван Гог, која помина повеќе од 100 години зад затворени врати, на аукцијата достигна цена од 13,09 милиони евра.

Аукциската куќа Сотби објави дека ова е рекордна цена за дело на холандски уметник во Франција, каде што во четвртокот се одржа аукција.

Претходно беше проценето дека сликата од уличната сцена во Монмартр може да се продаде за најмногу осум милиони евра.

Насликана во 1887 година, делото во најголем дел од времето беше во сопственост на едно француско семејство.

Експертите знаеја за тоа дело, но можеше да се најде во каталозите само како црно-бела фотографија.

Во четвртокот попладне сликата достигна цена повисока од проценетата, но продажбата беше прекината поради проблеми со надавањето преку Интернет.

Понудена е повторно на крајот од аукцијата, што беше пренесувана во живо на Интернет од парискиот оддел на Сотби.

Уличната сцена на Монмартр е една од низата дела што ги насликал Ван Гог додека престојувал во Париз со неговиот брат Тео во 1886 и 1887 година.

Сликата покажува една од ветерниците кои биле на Монмартр во времето кога тоа било само село на северната периферија на Париз.

Во тоа време се градеше познатата црква Сакр-Кер, која сега доминира во областа.

Ван Гог го напушти Париз и замина на југот на Франција во 1888 година.

Почина две години подоцна во близина на Париз.

Слични содржини