Во Словенија беа потврдени 2.025 новозаразени со коронавирус во изминатите 24 часа, а уште 29 лица починаа од Ковид-19, што е највисоко досега, но владин претставник изрази оптимизам дека се смирува вториот бран на епидемијата, бидејќи репродуктивниот број на ширење се намалува.
Портпаролот на словенечката влада за Ковид-19, Јелко Кацин, рече дека процентот на потврдени инфекции е сè уште голем, откако вчера тој изнесува 32 проценти, но дека охрабрува што бројот на репродукција, што покажува колку други лица се заразени, се намалува од ден на ден и е 1,14, објави Хина.
Сепак, Кацин потенцираше дека тоа не смее да биде сигнал за релаксација, бидејќи може да се очекува делумно нормализирање на состојбата и релаксирање на мерките во втората половина на декември, а дотогаш, како што процени, мора да се следи најмалку еден месец борбата против коронавирусот и придржување кон мерките.
„Следат уште неколку месеци неизвесност и состојбата во болниците е сè уште сериозна, но мерките даваат резултати“, рече Кацин.
Според Министерството за здравство, вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата е зголемен на 39.408, вкупниот број на смртни случаи е 441, а бројот на активни случаи е 23.417. Хоспитализирани се 979 пациенти примени поради Ковид, од кои 158 се на единиците за интензивна нега.