Словенија: Епидемиолозите не сакаат да ги релаксираат мерките поради делта сојот

од Nikola Popovski
238 прегледи

Словенечките епидемиолози и препорачаа на својата влада епидемиолошките мерки да не бидат олабавени до ново известување заради поопасната делта варијанта на коронавирусот и бројот на дневни инфекции кој се зголемил во последните неколку дена, предупреди во вторникот министерот за здравство Јанез Поклокар.

Според Министерството за здравство, во последните 24 часа се потврдени нови 48 инфекции, а еден пациент починал, додека во болниците во моментот има 59 пациенти со Ковид-19, од кои 15 на интензивна нега.

„Поради новиот и позаразен делта сој, влегуваме во фаза кога ќе се запре сегашното постепено укинување на мерките“, им рекол министерот за здравство на новинарите при посетата на Словенечката академија на науките и уметностите (САЗУ), кој апелирал до јавноста да се вакцинира во што поголем број.

Поклокар соопштил дека епидемиолозите препорачуваат употребата на маски во затворено да продолжи, а на настаните и масовните собири треба да присуствуваат само оние кои биле вакцинирани со двете дози, кои имаат негативен тест или имале Ковид-19 во последните шест месеци.

„Според искуството од последните 16 месеци, научивме дека мерките треба да се прилагодуваат скоро секој ден, и колку повеќе се придржуваме кон донесените протоколи, толку помалку ќе биде потребно да се донесат нови мерки“, рече словенечкиот министер за здравство.

Како што истакна имунологот и микробиологот Роман Јерала на состанокот со министерот во САЗУ, струката во сегашната ситуација не е за понатамошно олеснување на мерките и сугерира дека обврската за носење маски во затворен простор ќе продолжи до ново известување.

„Има многу малку шанси Словенија да избегне нов бран епидемии наесен поради ширењето на делта сојот. Тоа би се случило доколку навистина има голем степен на вакцинација на населението, што засега не е доволно за колективен имунитет кон новите варијанти“, предупредил тој.

Според словенечките медиуми во вторникот, иако делта сојот во Словенија сè уште не е многу распространет кај населението, неодамна се регистрирани нови случаи последователно, односно кај словенечки матуранти кои се вратиле од Шпанија, кои имаат лесни симптоми на Ковид-19, слични на обичниот грип.

Слични содржини