Словенечкото Министерство за надворешни работи денеска го повика на разговор израелскиот амбасадор поради нападите во Либан кои веќе однесоа повеќе од 500 животи, изјави министерката за надворешни работи Тања Фајон на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Според извори во словенечкото Министерство за надворешни работи, разговорот е закажан за утре, пренесува агенцијата СТА.
Како што рече министерката Фајон, се чини дека Либан станува новата Газа, а ситуацијата ја оцени како загрижувачка. Таа рече дека Израел го „ескалира насилството“ во Либан, Газа и Западниот Брег.
„Словенија ќе направи се што е во нејзина моќ, истовремено почитувајќи го меѓународното право и, се разбира, Повелбата на Обединетите нации“, најави таа.
Фајон, исто така, најави дека наскоро ќе се сретне со либанскиот министер за надворешни работи за да разговара што друго може да се направи.
Франција, постојана членка на Советот за безбедност на ОН, побара итен состанок на телото денеска откако Израел го започна најмоќниот бран воздушни напади против иранската милиција Хезболах во Либан во последните децении, во кои беа убиени стотици луѓе, вклучително и деца.
Најмалку 492 загинати во денешните израелски напади во Либан
Египетското Министерство за надворешни работи синоќа го повика Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), како и другите меѓународни фактори на итна интервенција за да се стави крај на, како што се вели, опасната израелска ескалација во Либан, пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Станува збор за најсериозната ескалација на тензиите на Блискиот Исток откако Хезболах и израелската војска почнаа со секојдневна размена на оган преку границата со Либан по почетокот на војната во Газа пред речиси една година.