Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, го откажа самитот Брдо-Бриони, наведувајќи дека нема услови за доаѓање на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Хрватска поради неговите политички изјави и постапки.
Од кабинетот на словенечката претседателка наведоа дека не можат да се мешаат во одлуката на Милановиќ и дека меѓу Загреб и Љубљана се водат разговори за одржување на самитот на алтернативна локација, пишува N1 Словенија.
Кабинетот на Пирц Мусар соопшти дека од кабинетот на Милановиќ биле навремено и коректно информирани за намерата да се откаже самитот.
„Станува збор за внатрешнополитичка одлука на хрватскиот претседател во која не можеме да се мешаме и не сакаме да ја коментираме“, порачаа од Љубљана.
Додадоа дека советниците за надворешна политика од кабинетите на двајцата претседатели се во редовен контакт и дека постои намера самитот на процесот Брдо-Бриони во 2026 година да се одржи на алтернативна локација.
Милановиќ средбата, која требаше да се одржи на Бриони, ја откажа во понеделник. Во писмена изјава наведе дека неодамнешните изјави на Вучиќ се во целосна спротивност со целите на процесот Брдо-Бриони, дека ги нарушуваат меѓудржавните односи и го загрозуваат мирот и стабилноста во Југоисточна Европа.
Вучиќ одговори дека во овој случај се согласува со хрватскиот претседател.
„Што се однесува до моето присуство на Бриони, целосно го поддржувам Зоран Милановиќ, целосно е во право, таму не припаѓам“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека попрво би отишол во Јасеновац и таму би положил цвеќе. „Нека ги повика своите пријатели од Приштина, Тирана и од каде и да сака, бидејќи сигурно не би им ја расипал таа идилична атмосфера“, порача Вучиќ во ироничен одговор.