Словенија ќе го реформира управувањето со болниците по пример на приватните бизниси

од Vladimir Zorba
134 прегледи

За да амортизира загуби во јавното здравство, словенечката влада до крајот на јануари ќе предложи закон со кој управувањето на болниците ќе се промени по модел што функционира во трговски друштва и приватни здравствени установи. Тоа го изјави денеска словенечкиот министер за здравство Само Факин.

Тој изјави дека станува збор за криза во управувањето со болниците од кои 47 оваа година работат со загуби.

Факин во изјава за Словенечката телевизија рече дека сегашниот модел на управување треба да се промени со јакнење на функциите и одговорноста на управата и надзорните одбори чии членови би требало да имаат плати како оние во бизнис секторот, но и еднаква материјална одговорност за случај на загуби.

Тоа е цел на новиот закон што владата ќе го донесе до крајот на јануари.

Од болниците тврдат дека од 2008 до 2016 година државата не им ги покрила извршените здравствени услуги во висина од дури милијарда евра ниту обезбедила средства за зголемени плати во здравството што е една од причините за загубите.