Во последните 24 часа по 1.742 тестирани примероци, 470 новозаразени со коронавирус се потврдени во Словенија, а уште 45 лица починаа како резултат на Ковид-19, соопшти денеска словенечката влада.
За време на викендите, бројот на тестови обично е помал, така што бројот на регистрирани случаи е помал отколку во другите денови. Најголем број на инфекции за еден ден имаше на крајот на минатиот месец, кога беа регистрирани рекордни 2.611 заразени.
Во последните денови, бројот на потврдени заразени варираше од 1.500 до 2.000 на ден, а учеството на позитивни тестови се движеше од 25 до 30 проценти, достигнувајќи скоро 27 проценти во неделата.
Во моментов има 1.292 пациенти во болниците, што е најмногу од почетокот на епидемијата, иако во неделата се отпуштени 29 пациенти, пренесува Хина.
Во моментот, 201 лице на одделите за интензивна нега се сериозно болни со оваа болест, која досега однесе 1.097 животи во Словенија.
Иако бројот на болнички кревети во Ковид одделенијата е зголемен за повеќе од 200, здравствените власти предупредуваат дека капацитетот на здравствениот систем е ограничен поради недостаток на образовани, стручни кадри кои се во состојба да работат особено во единиците за интензивна нега близу до границата на издржливост.
Од почетокот на епидемијата, потврдени се 65.778 случаи на заразени, а активни се 20.123. Четиринаесетдневната инциденца на инфекција на 100,000 жители во моментов е 960, соопшти денеска Министерството за здравство.
Во Словенија се во сила најстрогите ограничувања за сузбивање на ширењето на вирусот, вклучувајќи полициски час, односно забрана за движење надвор од куќата ноќе, потоа „затворање“ во рамките на општинските граници и забрана за секаков собир надвор од најблискиот семеен круг.
Оваа недела, според најавите на Владата на Словенија, треба да започнат системски и задолжителни тестови за вирусот во здравствените установи, а персоналот да се тестира најмалку еднаш неделно.
Владата подготвува слични тестови во домови за стари лица и изнемоштени лица, и покрај тоа, нареди развој на планови за доброволно масовно тестирање на популацијата со тестови за антиген.