Процентот на позитивни тестови за коронавирус во Словенија во последните неколку дена е само еден до два проценти, нема смртни случаи оваа недела, но и покрај тоа, локалниот Национален институт за јавно здравје (НИЈЗ) денес предупреди на опасноста од ширење на мутациите на коронавирус, особено делта сојот кој е многу позаразен.
НИЈЗ предупреди дека според првите проценки на Европскиот центар за контрола на болести (ECDC), делтата варијанта ќе стане доминантна во наредниот период, а на крајот на август ќе сочинува 90% од сите нови инфекции во Европската унија , поради што оние кои не биле вакцинирани, како и младите, мора да бидат особено внимателни, пренесува Хина.
Според словенечките епидемиолози, примарно загрижува фактот што оние кои биле вакцинирани само со првата од двете потребни дози на вакцината, можат да бидат заразени со делта сојот.
Охрабрувачки е тоа што оние кои примиле две дози, исто така, развиле заштита кон новата варијанта, а не биле забележани никакви повторни инфекции со таа варијанта кај оние кои претходно биле заразени со коронавирус и ја прележале болеста.
Словенечките епидемиолози предупредуваат на потребата да се вакцинираат што повеќе луѓе, бидејќи се верува дека појавата на делта сојот бара 80 проценти вакцинација на заедницата, за да се добие колективен имунитет, а досега само една третина од населението ги примила обете дози на вакцини.
Иако досега се потврдени неколку десетици случаи на делта варијантата на вирусот со примена на секвенционирање во Словенија, се проценува дека вистинските случаи се значително поголеми затоа што беа анализирани примероци од различни „кластери“, односно од различни области.
Министерот за здравство Јанез Поклокар деновиве изјави дека не се поставува прашањето дали делта сојот ќе стане доминантен во Словенија, туку кога тоа ќе се случи, додека премиерот Јанез Јанша предупреди дека четвртиот бран на епидемијата е веројатен ако најголемиот дел од населението не е навремено вакциниран.
Во Словенија, потврдени се 23 случаи на корона во последните 24 часа, со процент на позитивни тестови од 1,4 проценти.