Словенците во недела излегуваат на гласање за да го изберат наследникот на Борут Пахор, а најверојатни кандидати се Анже Логар и Наташа Пирц Мусар. По два мандати, Пахор се повлекува од политиката.
Според анкетите, најголеми шанси на претседателските избори има Анже Логар, еден од најблиските соработници на Јанез Јанша. На изборите оди самостојно, со поддршка од СДС на Јанша, во желба да се прикаже како кандидат на десниот центар, а не како тврда десница. Логар беше шеф на словенечката дипломатија и во третата влада на Јанша, а за време на словенечкото претседателство со Европската унија работеше како портпарол. Дипломирал економија и докторирал на Економскиот факултет во Нова Горица. Пред две години беше критикуван во Европскиот парламент затоа што тврдеше дека сите словенечки медиуми следат уредувачка политика од времето на комунизмот. Водел мирна кампања, без да го обвинува својот противник, а доколку стане претседател, неговата желба е да ја подготви Словенија за промените што се очекуваат во Европа и ЕУ.
Наташа Пирц Мусар е позната словенечка адвокатка и поранешна новинарка. Таа води своја адвокатска канцеларија и се залага за почитување на човековите права. Таа ги застапуваше Меланија Трамп и нејзиниот татко Виктор Кнавс, а пред нејзината кариера како адвокат работеше во информативната програма на Телевизија Словенија и комерцијалната телевизија ПОП ТВ. Ја нарекуваат и „Челичната дама“, а со сопругот, бизнисменот Алеша Мусар, е сопственичка на Руска дача, вила во близина на Љубљана која се издава за свадби и други пригоди. Во руската дача ја објави кандидатурата за претседателската кампања.
Милан Брглез, кој беше и претседател на парламентот, е веројатен кандидат и пратеник во Европскиот парламент, долго време во партијата на поранешниот премиер Миро Церар, со кој на крајот се раздели. На изборите се натпреваруваат и градоначалникот на Кочевје Владимир Пребилич, докторката Сабина Сенчар која е специјалист по гинекологија, претставникот на партијата Левица Миха Кордиш и кандидатот на десничарската Нова Словенија Јанез Циглер Краљ. Мали се шансите Словенија да добие шеф на државата во првиот круг од изборите в недела, а вториот круг е извесен за две недели.