Случај „Росица“: Поразувачки е жена во 21 век да биде изложена на насилство, системот затајува со заштитниот надзор

За превенирање на насилството потребна хумана комуникација, државата располага со слаби механизми за следење

од Бисера Трајковска
39 прегледи Фото: Фејсбук

Семејното и партнерско насилство, исмејување, булинг и фемицид за жал се уште претставуваат еден вид секојдневие во нашето општество. Со последниот случај за убиената Росица Коцева, на виделина излезе несериозноста на системот за справување со ваквите ситуации. Се доаѓа до заклучок дека секое игнорирање на пријава или одложено постапување, може да чини живот.

Адвокатот Јанаки Митровски смета дека не е проблемот во затајување на Обвинителството, туку е грешка во тоа што за вакви кривични дела не може да се бара притвор за опасност од повторување на делото.

-Не е проблемот во затајување на Обвинителство и на судот. Во конкретниот настан, брзо постапило Обвинителството. За месец дена покренало обвинение. Проблемот е во тоа што, согласно законските одредби, за вакви кривични дела не може да се бара притвор за опасност од повторување на делото, што по мене е грешка. Тука треба да следат законски измени, вели Митровски.

Тој во изјава за „Локално“ појаснува дека како држава имаме многу слаби механизми за следење.

-Ајде и да речеме дека условната осуда не е толку спорна, меѓутоа кај нас нема механизам или пак има многу слаби механизми за следење. Заштитниот надзор, посета на советувалишта за насилници, помош од социјални органи, дали тие се остваруваат? Тука затајува надзорот. Се отповикуваат условни осуди на повеќекратни престапници, односно оние коишто ја прекршуваат условната осуда и повторно влегуваат во рецидивизам и не секогаш се оди кон покрение на кривично дело, непочитување на судска одлука по член 377, за оние кои не ги почитуваат времените мерки за заштита од семејното насилство изречени од граѓанскиот суд, додаде Митровски.

Тој вели дека не е оптимист дека ова прашање некогаш ќе се реши. Ова, потенцираше, не се популарни теми кај политичарите кои што носат лесни гласови.

-За жал не сум преголем оптимист дека ќе се реши ова прашање, затоа што кај нас важи онаа народната „Секое чудо за три дена“. Не се ова популарни теми условно речено за политичарите кои што носат лесни гласови, како што се социјала, наводно владеење на правото, ќе градиме, ќе асфалтираме улици итн, додаде Митровски.

Фото: Фејсбук

Според психологот Маријана Марковиќ, за превенирање на сите облици на насилство е потребна хумана комуникација уште од најрана возраст.

Таа е на ставот дека жената мора да го има чувство дека е вредна и достојна да живее.

-Тие коишто се жртви, коишто се најмалку заштитени, многу тешко доаѓаат до некоја основна, базична човечка помош и разбирање. Неразбирливо е чувството на потреба да се врши насилство на некого кој е беспомошен и бара помош. Се губи чувството на грижа и емпатија за другиот. Фемицидот е само еден од манифестациите на овој генерален однос кон општеството, особено кон луѓето кои се од сиромашни категории, рече Марковиќ.

Таа во изјава за „Локално“ појаснува дека смета оти е поразувачки жена во 21 век да биде изложена на насилство, само затоа што е послаба.

-Доколку жената е социјално повеќе ситуирана, таа можеби ќе успее да си обезбеди сместување, но за жал жените кои што се финансиски зависни од мажите и кои се ставени во ситуација да не можат себе си да се одбранат, тие многу тешко пријавуваат насилство. Не постои механизам кој ќе може да ги заштити, додаде психологот.

Таа потенцира дека оној којшто е жртва, треба веднаш да биде заштитен од државата, да биде сместен во безбедни центри.

-Како упорно да сакаме да си ставиме розови очила и да не ги гледаме нештата кои се пред нас, додаде Марковиќ.

Фото: архива на Маријана Марковиќ

Превенирање на насилството Марковиќ го гледа во хумана комуникација уште од најрана возраст, во градинките, во училиштата и во семејните релации, знаејќи дека живееме во капиталистичко општество каде што владеат други вредности – исмевање на се она што се проценува како помалку вредно.

-Тоа е сложен систем на сите облици на девијантно однесување од различен карактер – булинг, убиство и фемицид. Решението е во тоа да се изгради едно хумано општество каде што нема постојано да се појавуваат девијантните појави. За жал двете мои пријателки починаа од стрес живеејќи со насилник, посочи Марковиќ.

Според Марковиќ, семејното насилство не зависи од од социјалната положба или професија, туку како што вели, секоја жена може да настрада.

Б.Т.

 

 

 

 

 

Слични содржини