Двајца млади луѓе во Лидс биле казнети со 10.000 фунти (11.324 евра) за организирање масовна „војна“ со топки снег и со тоа кршење на мерките против епидемијата.
Полицијата во Западен Јоркшир казни млади момчиња на возраст од 20 и 23 години за организирање масовни удирање со топки снег во паркот на 14 јануари. За организацијата беа користени социјални мрежи, а на нив беа објавени снимки од настани.
Во полициското соопштение се наведува дека 23-годишникот бил казнет за кршење на мерките и во ноември минатата година.
Еден млад човек кој се претставил како Адам, 20-годишник, изјавил дека во „војната“ учествувале претежно студенти, пренесува Sky News.
„Тоа беше олеснување што го посакувавме. Луѓето се смееја и тоа им беше потребно. Познавам многу студенти кои се крајно депресивни и под стрес поради онлајн испитите. Менталното здравје е исто толку важно како и физичкото, а многу од нив немаат можност да направат нешто во врска со тоа“, рече Адам.
Собирот бил организиран во близина на двата универзитета, Лидс и Лидс Бекет.
„Не ни дава апсолутно никакво задоволство што моравме строго да казниме двајца млади луѓе за ова, но нивната постапка предизвика стотици луѓе да бидат многу блиску еден до друг и со тоа се зголеми ризикот од ширење на коронавирусот. Тоа беше јасно кршење на законот што сака да ги заштити луѓето“, рече главниот полициски надзорник Демијан Милер.
Тој посочи дека полицијата ќе продолжи да работи како што работела досега, а тоа е да ги санкционира оние што ги кршат правилата.