Снопче за Законот за употреба на јазиците: Обид за државен удар

од Nikola Popovski
341 прегледи

Пратеникот Халил Снопче во интервју за албанската „Ора њуз“ ја коментирал последната дебата во однос на Законот за употреба на јазиците. Снопче нагласи дека се уште не е јасно зошто се поттикнати негативните коментари, но нагласи дека тоа се искрите што ги поттикнува и иницира актуелната опозиција за создавање меѓуетнички тензии.

„Да кажам дека ова е еден вид тенденција на некои кругови во Македонија кои сакаат некако да ја дестабилизираат државата. Така, ние како претставници на коалицијата ВЛЕН го опишавме како обид за државен удар, предупредувајќи дека не е време да се навлегува во овие прашања бидејќи албанскиот јазик е загарантиран со Уставот и неговата употреба е загарантирана. Нормално, Уставниот суд треба повеќе да се заложи да бара спроведување на неговата употреба, бидејќи имаше критики по ова прашање“, рекол Снопче.

Според него, прашањето е кој ги поттикнува овие движења.

„Мислиме дека тоа го поттикнува актуелната опозиција. Тука сметам и на екс претседателот Иванов, која не го потпиша указот за спроведување на овој закон, а тоа е претседателот кој во тоа време беше избран од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ на екс-премиерот Груевски. Претходната влада имаше можност да ја тргне оваа точка од расправата, бидејќи оваа иницијатива е од 2019 година и Уставниот суд имаше време да го испита“, додал Снопче.

Иницијативата за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците доведе до нови препукувања на релација власт – опозиција. ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ ја обвинуваат претходната владеачка гарнитура дека кога го донеле законот, не биле земени предвид правните последици и неможноста за спроведување.

Европскиот фронт пак ја обвинува владината коалиција за обид за укинување на Законот за употреба на јазиците. Од владата велат дека оценувањето на уставноста на Законот за употреба на јазиците не е политичка, туку судска одлука и дека ќе ја почитуваат секоја одлуката која ќе ја донесе Уставниот суд.

Покрај законот за јазици, Уставниот суд ќе треба да донесе одлука и за Балансерот, чие рочиште е закажано за 18 септември.

Во тензична и бурна атмосфера македонското Собрание во 2018 година го донесе Законот за јазици. Законот предизвика многу реакции во и надвор од парламентот. Со законот се предвидува во сите органи на државната власт, како централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик освен македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.

Слични содржини