Сојузот на средношколци ја презентираше Резолуцијата за изразување солидарност и барање акција во врска со војната на Русија во Украина

од Stefanija Kuzmanovska
138 прегледи

Вчера, на 24 февруари 2023 година, се одбележа една година откако Русија ја започна својата војна на агресија против Украина. Сојузот на средношколци, заедно со Делегацијата на Европската Унија, го одржаа настанот „Интеграција на учениците и студентите бегалци во образовниот систем“ во Europe House Скопје, на кој се дискутираше за влијанието на војната врз украинското културно наследство и образовен систем.

Настанот го отворија шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир и Лариса Дир, амбасадорката на Украина во Северна Македонија.

Претставниците на Сојузот на средношколци: Јана Попова, Ева Карамановска и Берин Мухамед ја презентираа Резолуцијата за изразување солидарност и барање акција, која беше усвоена од страна на Организирачкото биро на европските средношколски сојузи (OBESSU) во декември 2022 година.

Беше проектиран и документарниот филм на Томаш Грживацевски „Wymazać Naród“ | „Избриши ја нацијата“ (обезбеден со помош на Амбасадата на Полска), кој прикажа само дел од загубените животи и уништеното културно наследство, додека изложбата на избрани фотографии подготвени од новинарката и воената репортерка, Кристина Атовска, јасно ја долови храброста и отпорноста на украинскиот народ.

Фокусот на дискусијата, со која модерираше Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци, беше на тешкотиите со кои се соочуваат украинските ученици и студенти. Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир посочи дека средношколците, во духот на солидарноста, осмислиле конкретни предлози како да им помогнат на своите соученици во Украина.

Украинската амбасадорка Лариса Дир, истакна дека Украина како држава успеала процесот на образование да го одржи и во воена состојба преку онлајн настава, со цел да се обезбеди некаков образовен процес. Таа потсети дека над 300 Украинци се засолниле во Северна Македонија, при што украинските деца учат во македонските училишта и добиваат образование на македонски јазик. Во дискусијата како панелистки се вклучија и Кристина Атовска и Каридад Санчез, членка на Одборот на OBESSU.

Резолуцијата ги адресира ефектите на војната врз украинските средношколци и студенти чие право на образование, живот, детство, демократија и мир е нарушено. Повеќе од 2 милиони ученици ја напуштија земјата поради агресијата на вооружените сили на Руската Федерација. Во септември 2022 година, околу половина милион украински деца беа запишани во образовните системи во ЕУ. Оштетени се повеќе од 2.700 училишта.

Поради сето ова, средношколците бегалци не можат да го полагаат матурскиот испит (вступні на бакалаврат) предвиден во украинскиот образовен систем. Оттука, Резолуцијата вклучува и список на мерки коишто националните влади треба да ги преземат за да обезбедат квалитетно образование, соодветни услуги за менталното здравје и безбедни средини за украинските ученици кои престојуваат во нивните земји.

Европската комисија и Владата на Украина потпишаа пакет за поддршка во вредност од 100 милиони евра за реконструкција и рехабилитација на училишните објекти оштетени во обемната руска агресија против Украина. Преку Механизмот за цивилна заштита, ЕУ набави 240 училишни автобуси со кои украинските деца безбедно беа пренесени до училиштата. Се планираат дополнителни набавки.

Според Универзалната декларација за човековите права, секое дете има право на образование, а мирот на Европа мора да ѝ се врати. Затоа, Сојузот на средношколци и OBESSU имаат одговорност да реагираат кога не се почитуваат правото на детето на образование, демократијата и мирот. Згрозени од сегашните настани, ние сме согласни дека итно е потребна брза деескалација и долготрајна поддршка за Украина.

Слични содржини