На 28 март 2023 година, во просториите на Македонска берза АД Скопје, Главниот извршен директор на берзата, Иван Штериев, заедно со неговиот тим одржаа работна средба со повеќе членки на Сојузот на Стопански комори, предводени од Претседателот на Комората, Трајан Ангелоски.
На средбата присутните бизнисмени одблиску се информираа за можностите што ги нуди Берзата и македонскиот пазар на хартии од вредност и подетално се запознаа со условите за котација на Берзата и моменталната пазарна сегментација. Воедно, во оваа прилика претставниците на деловната заедница имаа можност да го проследат берзанското тргување во живо и да видат како се склучуваат трансакциите со хартии од вредност.
Оваа работна средба се одржа по повод првиот ден на тргување на Македонска берза (одржан на 28 март 1996 година) и e активност во рамките на веќе потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Берзата и Сојузот на Стопански комори којшто има за цел да го поттикне бизнис секторот своите инвестициски проекти да ги реализира и преку пазарот на капитал.
„ 2023 година е година со големи предизвици,Сојузот на стопански комори останува посветено да ги поддржува домашните компании и можноста за соработката со Македонска берза и пристап на компаниите до други извори на финасирање е можност за глобалните финансиски трендови на финасирање, особено на европскиот пазар, и во регионални рамки,во време кога финансовиот пазар нуди ликвидни инвестициони можности за компаниите.Во текот на годината Сојузот ќе понуди повеќе решенија и заеднички ќе делуваме на подобрување на бизнис климата и амортизирање на негативните ефекти од глобалната економска криза,само со взаемна работа и соработка компаниите ќе можат да го зголемат соствениот капитал -’’истакна Трајан Ангелоски, Претседател на Сојузот на Стопански комори на Македонија .
Главниот извршен директор на Берзата, Иван Штериев, изјави „Смислата на постоење на берзите ,помеѓу другото е да се овозможи корпоративниот сектор повремено своите финансиски потреби да може успешно да ги финансира и преку пазарот. Специфичната пазарна еволуција во регионот придонесе овие процеси да не се одвиваат толку брзо како што беше неопходно. Секако, Македонска берза останува посветен промотор на можноста за пазарно финансирање на компаниите и е уверена дека порано или подоцна тие ќе го препознаат ова и ќе уживаат во бенефитите од истото. Голем исчекор на овој план очекуваме да произлезе од новата европски усогласена регулатива за пазарот на хартии од вредност. Соработката со Сојузот на Стопански комори во наредниот период ќе биде фокусирана токму во оваа насока’’.
Настанот е во заедничка организација на Берзата и Сојузот на Стопански комори и претставува почеток на зајакнување на нивната билатерална соработка во наредниот период. Една од формите на интензивирање на меѓусебната соработка помеѓу Берзата и Сојузот, за која стана збор и на денешната средба, е создавање во блиска иднина на посебен деловен клуб преку кој ќе се промовира и споделува знаење, конкретни практики и искуства за процесот на небанкарско пазарно финансирање на домашните бизниси.