Владиниот прв вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заменик министерот Беким Реџепи, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми и директорот на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионални патишта, Костадин Ацевски, денеска извршија увид на рехабилитација на автопатската делница А2 или од Скопје – Тетово. Според нив, оваа обнова на коловозната лента и поставувањето звучни бариери е дел од инвестицискиот циклус на Владата за изградба и модернизација на европскиот Коридор 8.
-Рехабилитација на делот од Коридор 8 или автопатот А2 Скопје-Тетово се прави со буџет 7,5 милиони евра. Има рехабилитација за најоштетените делови. Очекуваме овој дел да се заврши во октомври. Направивме увид на поставени звучни бариери кај општина Сарај со должина од 1650 метри. Звучни бариери има поставени и на дел од Коридор 10 односно 1770 метри кон Куманово. Ги исчистивме сите автопатишта, работиме активно со косење трева, досега имаме искосени 1.930.000 квадрати трева и имаме собрано 650 кубици смет, да апелирам да внимаваме и да чуваме животната средина на автопатиштата, изјави Ејуп Рустеми.
Министерот Благој Бочварски рече дека се работи на рехабилитација и на повеќе патни правци.
-Сите овие активности се во насока на подобрување на квалитетот на нашата патна инфраструктура и во насока на подобрување на условите за патување на граѓаните. Работиме на рехабилитација и на две позиции на автопатот на Коридорот 10 од Демир Капија кон Неготино, но и од Катланово кон Петровец, пет позиции на пет гранични премини во моментот се рехабилитираат. Една е веќе завршена, на останатите се работи. Тоа се патните правци кон Бугарија, кон Косово, кон Грција на патниот правец Битола – Меџитлија, Подмоље – Струга – Ќафасан и практично на сите страни од државата се работи со една силна динамика, посочи Бочварски.
Првиот вицепремиер Артан Груби истакна дека покрај рехабилитацијата на овие патишта за патувањето низ државата ќе биде поквалитетно поради работата и на граничните премини.
– Денеска министерот за внатрешни работи го потпиша договорот којшто е усвоен од страна на Владата за воспоставување на заеднички контроли на граница со Косово, кај Блаце и кај Јажинце со нова модерна методологија и којашто е предвидена во ребалансот на буџетот предвиден да се усвои од страна на Владата. Заокружуваме во овој мандат сите најбитни проекти за државата Коридорите 8 и 10, граничните премини со Албанија, Србија и Косово за поквалитетен живот на граѓаните и подобар економски развој, истакна Груби.
Директорот Рустеми информираше дека увид направиле на рехабилитацијата на регионалниот пат од Тетово кон Боговиње, каде што се обновуваат 650 метри од булеварот „Илинден“ до патот што води кон Попова Шапка.