Со измените олеснуваме изградба на училишта, градинки, болници и амбуланти, велат од Транспорт и врски

од Nikola Popovski
26 прегледи

Во врска со измените на Законот за Урбанистичко планирање би сакале да ја информираме јавноста дека овие измени кои се предлагаат се исклучиво во интерес на граѓаните и општините за поефикасна реализација на капитални проекти и придвижување на економијата во целина, соопштуваат од Министерство за транспорт и врски. Ова следува откако вчера од еколошката организација „О2 Иницијатива“ предупредија дека повторно се случува исто сценарио како во минатото, односно обид за експресни измени во Законот за урбанистичко планирање и тоа за време на летните одмори. Ги повикуваат сите пратеници да не ги гласаат измените и да бараат истите да бидат отстранети од предлог-законот.

Од организацијата тврдат дека закон со толкав импакт се менува фреквентно поради актуелната потреба, а не се става на здрава основа, осмислен и усогласен со сите други актуелни, па и планирани закони со кои се преклопува.

Поради бројните проблеми, истакнуваат од Министерството на чие чело е министерот Александар Николоски, со кои се соочуваа граѓаните и општините при носењето на урбанистички планови каде што јавниот интерес беше подеднакво третиран со приватниот интерес и често пати беше заложник на приватните интереси, со измените на Законот за прв пат во државава, јавниот интерес го ставаме во прв план.

Основна цел на измените е да се поедностават постапките во однос на донесување на урбанистичките планови наменети за изградба на објекти од јавен интерес односно за изградба на градинки, училишта болници и останати објекти од социјална и здравствена заштита, како и катни гаражи со цел решавање на сообраќајниот хаос.

Со донесувањето на овој Закон ќе се поедностави постапката за реализација на капиталните проекти во државата, а општините ќе можат во целост да ги реализираат планираните развојни буџети, со што директно ќе се влијае врз локалниот економски развој.

Како што велат оттаму, недозволиво е поради немање адекватна правна рамка, општините и државата да не се во можност да ги реализираат своите развојни програми и реализацијата на капиталните проекти да трае со години, дури и со децении. Околу 600 урбанистички планови се заглавени во постапка со што е доведено во прашање нивното донесување и реализацијата на капитални инвестиции.

Исто така, потенцираат, дека сосема погрешно во јавноста се интерпретира одредбата каде се вели дека се брише можноста да се донесе урбанистички план без согласност од Министерството за транспорт. Вистината е обратна. Се укинува правото“ молчењето е одобрување“, а секое дивеење подлежи на најголеми казни за злоупотреба на службена должност.

-Поради неколку потврдени примери на дивеење на одредени општини, со предложеното законско решение целта е токму да се зајакне улогата на Министерството како контролен механизам во процесот и да се стави ред, а законите да важат подеднакво за сите граѓани.

Со измените е невозможно да се донесе план без согласност на Министерството за транспорт, исто така Министерството може да го враќа на доработка секој план сè додека е потребно во секоја фаза од постапката. Така се спречува дивеење, се наведува во соопштението.

Слични содржини