Со предавање на Виолета Пирузе-Тасевска, задутре почнуваат „Деновите на македонската литература”

Во рамките на манифестацијата „Денови на литературата", утре, со почеток во 18 часот, на Филолошкиот факултет ќе се одржи и студентска вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо".

од Бети Божиноска

Годинешното издание на манифестацијата „Денови на македонската литература” во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ, ќе биде отворено во среда, 3 април, со предавање на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска, којашто сиот свој работен век го мина на оваа Катедра, се вели во соопштението од Филолошкот факултет.

Свеченото отворање ќе почне во 12 часот, во Библиотеката за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет, со пригодна реч на деканот, проф. д-р Владимир Мартиновски и раководителот на Катедрата проф. д-р Трајче Стамески, по што ќе следи предавањето на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска на тема „Српскиот и македонскиот книжевен романтизам”.

Од факултетот истануваат дека со предавањето на Пирузе-Тасевска, Катедрата за македонска книжевност и култура, повторно се навраќа кон валоризација на научните постигнувања на генерациите професори што ја втемелија основата за нејзиниот современ развој.

Оваа година, традиционалната манифестација добива меѓународен карактер и има нов концепт, при што поголем акцент е ставен на книжевната наука и на продлабочување на соработката со познавачите на македонската литература од странските универзитети.

Во рамките на манифестацијата „Денови на литературата”, в среда, со почеток во 18 часот, на Филолошкиот факултет ќе се одржи и студентска вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо” – настан насловен според песна од Анте Поповски, еден од великаните на македонската книжевност чиишто дела се опфатени со програмата на манифестацијата.

Преку подготовката на овој настан, студенти од повеќе генерации го обединија својот креативен потенцијал и подготвија програма со која преку рецитал, драматизација, музички точки и видео-проекции ќе се претстави дел од развојот на македонската книжевност и култура, со антологиски дела по нивен избор.

Вториот ден од манифестацијата ќе биде посветен на професори што предаваат македонска книжевност на странски универзитети, со што таа, покрај фокусираноста на книжевната наука, добива и позначаен меѓународен карактер.

Предавањата на професорите од странските универзитети ќе се одржат виртуелно, преку платформата „Зум“.

Инаку, гостинските предавања на професорите по македонска книжевност од странските универзитети се планира да бидат и натамошна постојана практика во рамките на настаните што на Филолошкиот факултет се организираат со влог на Катедрата за македонска книжевност и култура, којашто преку годинешното издание на манифестацијата „Денови на македонската литература”, веќе ја зајакнува својата меѓународна соработка со соодветните катедри од факултетите на странските универзитети.

Слични содржини