Со растот на цените може да се справиме само со штедење и со владини мерки

од Vladimir Zorba
362 прегледи

Организацијата на потрошувачи на Македонија стравува дека од есен, со забрзаниот раст на цените, извесно е дека голем дел од семејствата ќе влезат во категоријата на сиромашни. За претседателката на организацијата, Марија Лончар Велкова, основа на ваквите ни малку розови проекции се јунската инфлација од 14,5 % што ја измери Државниот завод за статистика и податокот на ССМ, дека минималната потрошувачка кочничка е за 5.500 денари потешка од лани. Од тука според неа, „тенчењето“ на домашниот буџет оди на штета на животниот стандард на сите граѓани.

– Секако дека тоа е извесно, но не зависи само од висината на цените, туку и од висината на платите, губење на работните места, отплата на кредитите при евентуален пораст на каматите и други фактори поврзани со инфлацијата. Високата инфлација од 14% загрижува заради можната рецесија што од друга страна доведува до проблеми со продуктивноста, вработувањата, инвестициите, а таа најтешко се одразува на приходите на домаќинствата. Секојдневно се соочуваме со покачување на цените не само на основните прехрамбени производи туку и на сите други производи, а нашиот паричник е се потенок и структурата на потрошувачката се менува на штета на животниот стандард на граѓаните, вели за „Локално“, Марија Лончар Велкова.

Марија Лончар Велкова

Марија Лончар Велкова

Во ваква ситуација според неа, се соочуваме со потреба од неизбежно штедење. Ова вели таа, е еден од начините на кои што потрошувачите ќе успеат барем делумно да се справат со растот на цените.

Тоа е можно со одредени штедења, испитување на потребите, промена на навиките во купувањето и секако преку мерките кои ќе ги преземе Владата за поддршка на граѓаните, додава Лончар Велкова.

За да се ублажат ценовните скокови и да се заштити стандардот на граѓаните, мерките што ќе ги преземе Владата според Лончар Велкова, треба да бидат сеопфатни, конзистентни и подолготрајни од претходните.

– За сега нема изгледи за стабилизација на цените, меѓутоа постои надеж дека преку одредени интервенции и мерки ќе се ублажат ценовните шокови за граѓаните доколку се носат на подолг рок. Постојаното менување на овие мерки како што беше плафонирањето на цените, па потоа намалување на маржите доведува до несигурност кај граѓаните, односно самите трговци не се снаоѓаа надобро при примената на мерките во изразувањето на цените. Апелираме мерките да бидат посеопфатни во смисла да опфата поголем број производи, да бидат поконзистентни и да се носат на подолг рок, децидна е таа.

Како најсоодветни и најефикасни антикризни мерки, Лончар препорачува поголеми субвенции за енергетски ефикасни производи, јасни правила за инсталирање на фотоволтаични системи, субвенционирање на семејства со ниски приходи, интервенции во висината на ДДВ-то и на цените на прехрамбените поризводи и други мерки што се применуваат во соседството и ЕУ.

К.В.С.

Слични содржини