Со скап билет ќе се заштитува националниот парк Плитвички Езера

од Elena Daskalova

Со цел да се заштити и зачува националниот парк Плитвички Езера, управата одлучила да ги поскапи билетите и да го ограничи бројот на посетители, особено во текот на летните месеци.

Па така, во јуни, јули, август и септември, билетот за возрасни лица ќе чини 300 хрватски куни (околу 40 евра), а за млади до 18 години ќе чини 120 куни. Дополнително, паркингот се наплаќа, а исто така и патничките тури со комбиња и автобуси се доста скапи и за Хрватите, а за странците трошокот е уште поголем.

Досегашната летна цена беше 250 куни, а предлогот за поскапување на билетите во лето беше првпат донесен на почетокот на оваа година. Поскапувањето беше најавено уште минатата година.

Хрватска сака со ова да постигне одржливост, но и да ја заштити оваа прекрасна природа. Тие планираат и да ги ограничат и бројот на посетителите, бидејќи вон сезона доаѓаат и до 12.000 посетители на ден, а во лето секојдневно влегуваат барем 16.000 туристи.

Плитвички Езера минатата година имаше приход од 400 милиони куни, од кои 150 милиони вложи во модернизирање на сместувачките капацитети во самиот национален парк и подигнување на нивните категории, а започнати се и повеќе проекти со факултетски институти за заштита на флората и фауната.

Од управата на националниот парк ги мотивираат посетителите да доаѓаат и во пролет, есен, па дури и во зима, кога цените се значајно пониски, а природата е уште поубава отколку во лето.

Слични содржини