Со ѕвонење на камбани и минута молчење започна одбележувањето на 20-годишнината од 11-ти септември

од Nikola Popovski
397 прегледи

Одбележувањето на годишнината од нападот на 11 септември на местото на Светскиот трговски центар во Њујорк започна со ѕвонење на камбаните и минута молчење, точно 20 години од почетокот на најсмртоносниот терористички напад на американско тло.

Претседателот Џозеф Бајден, поранешните претседатели Барак Обама и Бил Клинтон, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, членови на Конгресот и други официјални претставници, заедно со голем број роднини на жртвите, го посетија Меморијалниот плоштад во Њујорк – споменик поставен на местото на Светскиот трговски центар кој беше погоден од два киднапирани авиони.

Во 8.46 часот по њујоркшко време , со минута молчење беше означен моментот кога се урна првиот авион, а роднините на загинатите ги прочитаа имињата на 2.977 жртви, што е традиција на комеморацијата во Њујорк, објави „Гласот на Америка“.

Полицискиот оркестар во Њујорк ја отсвири старата американска народна песна „Hard Times Come Again No More“, додека рок sвездата Брус Спрингстин изведе акустична верзија на песната „I’ll See You in My Dreams”.

На церемонијата присуствуваше и Рудолф Џулијани, кој беше градоначалник во моментот на нападот, додека поранешниот американски претседател Доналд Трамп не се појави на собирот, информира Гласот на Америка.

Комеморации се одржуваат и на две други локации каде што терористите соборија киднапирани авиони на 11 септември – во Пентагон и во полето во близина на Шенксвил, Пенсилванија.

Бајден ќе им оддаде почит на жртвите на сите три локации, а поранешниот претседател Џорџ В. Буш ќе зборува на церемонијата во Пенсилванија.

Американските претседатели често патуваат на едно од трите места на нападите, но не е вообичаено да се посетат сите три, додава Гласот на Америка.

„Претседателот смета дека е важно да се посети секое од тие три места за да им се оддаде почит на повредените и жртвите од тој ден“, рече во петокот портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Според планот за комеморација, претседателот Бајден нема да одржи говор на ниту една од локациите на терористичките напади на 11 септември.

Наместо тоа, во петокот беше објавено видео во кое ја повика нацијата на „смиреност и размислување“.

„Единството не прави она што сме – Америка во најдобро светло. За мене, тоа е најважната лекција на 11 септември. Кога бевме во најтешкиот момент, направивме се што не прави луѓе. Во борбата за душата на Америка, единството е нашата најголема сила“, рече Бајден во видео пораката.

 

Слични содржини