Собранието денеска во рамки на 86-та седница ја ратификуваше Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за соработка во областа на образование, наука, култура, мас-медиуми, млади и спорт.

Пратениците ги усвоија и дополнувањата на Законот за субвенционирање на станбен кредит што се донесе по скратена постапка. Законот предвидува при купување нов стан за млади лица, 50 отсто можат да добијат субвенционирање на ратите во првите пет години од отплата на кредитот, за изградба нова куќа или за надоградба на постоечкиот дом.
Усовоени се и дополнувањата на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, по скратена постапка. Со членот 1 се предлага дополнување на членот 38 со нов став со кој се предвидува можноста професионален војник кому службата во Армијата му престанува поради навршување 45 години возраст, да може да се прими на служба во АРМ како цивилен персонал без објавување јавен оглас, доколку ги исполнува посебните услови утврдени во актот за формација на Армијата.
Пратениците усвоија и четири точки со европско знаменце, Предлог-закони за тутун, за услуги, за слободен проистап до информации од јавен карактер и за акцизи, сите во прво читање.
Собранието го донесе и Законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации, по скратена постапка.
На дневен ред на 86-та седница е и точката за интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поднесена од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.