Бидејќи нема услови за одлучување, не може да се продолжи со работа на денешната собраниска седница, рече собранискиот претседател Талат Џафери и ја прекина седницата. За продолжување на седницата, најави дека пратениците ќе бидат дополнително известени.
На денешната седница пратениците дадоа зелено светло за барањето на ВМРО – ДПМНЕ собраниска Анкетна комисија составена од 13 члена да утврдува дали има политичка одговорност за функционерите поврзани со случајот на Клиниката за онкологија.
Според пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, Антонио Милошоски во изминатите неколку дена нема поголемо прашање од јавен интерес за тоа кој ја сноси политичката одгороност, како што рече, за морбидниот профит кој некој го правел на Онкологија, за сметка на здравјето и на животите на пациентите.
– Предлагаме Анкетнта комисија з аксандалот на Онкологија да има надлежност да утврди политичка одговорност на здравствените и на владините функционери кои биле дел од овој скандал, рече Милошовски.
На седницата е усвоено и барањето од опозицијата да се разгледа и конечниот ревизорски извештај за работата на Клиниката за онкологија, кое како точка на дневниот ред ќе се разгледува претпоследна.
Пратениците ја изгласаа и одлуката за објавување јавен оглас за избор на директор на Оперативно-техничката агенција (ОТА) со 83 пратеници „за“.
Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ искажа незадоволство поради овој предлог бидејќи, како што рече, мандатот на директорот на ОТА му истекува за два дена.
Тој праша дали ќе се запрат постапките што во моментов се во тек и дали нема да може да се отвораат нови постапки.
– Изминатиот период, оваа Агенција ја стресоа два скандала. Првиот, со набавката на софтвер или на опрема за следење на целокупниот сообраќај, нешто што не е во надлежност на оваа Агенција. Се случи и скандалот со шпионскиот софтвер – Предатор. Предатор којшто е развиен во Република Македонија, изјави пратеникот.
За пратеникот Милошоски, неодговорно е што се доцни со овој оглас и со расправа за нов директор на Агенцијата.
Валентин Мирчевски беше избран за член на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност со 69 гласа „за“. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова посочи дека науката и образованието и културата и спортот се најважните прашања за оваа земја и во нив треба да веруваме. Таа му се заблагодари на Валентин Мирчевски за она што го придонесува за државата и како нѐ прикажува во светот на науката.
За членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво, со 60 „за“, беше избран Милчо Велјановски, а со 57 гласа, Елена Ивановска Миновска.
Збор побара пратеничката Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ.
– Секогаш имаме проблем со кворумот, па еве со денешниов избор на двајцата членови ќе му овозможиме на Државниот совет да си обезбеди кворум, затоа што станува збор за децата, во најкус рок затоа што се потребни мерки за превенција. За жал, додека ние овде бираме и реизбираме членови, состојбите се влошуваат и детското престапништво ни е во пораст, истакна таа меѓу другото.
Сулејман Ахмети со 58, а Александра Кокаровска со 56 гласа „за“ беа избрани за членови на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Со 58 „за“, беше изгласан и предлогот на закон за ратификација на изменетата Спогодба за јавни набавки (2012) со Одлуката од Комитетот за јавни набавки на Светската трговска oрганизација за пристапување на Република Северна Македонија кон изменетата Спогодба за јавни набавки (2012).
Бидејќи немаше доволен број пратеници за одлучување, гласањето дополнително ќе биде извршено за седмата точка – Предлогот на закон за ратификација на Шестиот дополнителен Протокол кон Спогодбата за мултинационалните мировни сили на Југоисточна Европа.