Сојузот на средношколци оцени дека бојкотот на наставата од страна на матурантите, поради државната матура е успешен. Според нивните податоци, во четврток 21.01., бојкотирале 78% од матурантите, а во петок на 22.01, 71%.
„Причината за овој надолен тренд се притисоците и заканите од страна на училишните директори и наставници врз учениците. Ваквите појави ги кршат средношколските права, Конвенцијата за човекови права и Уставот на РСМ. Ги повикуваме средношколците да ги пријават сите притисоци врз нив, а истите ќе бидат соодветно документирани од наша страна. Истовремено, ги демантираме лажните вести дека ССРСМ и МОН постигнале договор. Таквите вести се комплетно неточни и имаат за цел да ја дефкусираат јавноста и многу поважно, матурантите. Наместо ширење лажни вести, властите треба да се соочат со аргументите на Сојузот и да ги прифатат нашите барања“, се вели во соопштението.
Од Сојузот велат дека бојкотот на наставата продолжува и денес и ги повикаа сите матуранти да им се придружат.