“Солар импулс 2” ќе се подготвува месец во Кина за прелети на Пацификот

од Vladimir Zorba
86 прегледи

Пилотите на “Солар импулс 2” (Solar Impulse 2) – најголемиот авион во светот кој се  напојува од сонцето, Бертран Пикард и Андре Боршберг ќе останат во Кина околу еден месец, подготвувајќи се за петдневниот прелет над Тихиот Океан, пренесоа агенциите, цитирајќи локални медиуми.03-09-15-Solar-Impulse-2-2

“Задоволни сме што сме во Кина. За нас тоа е значајна станица пред суштинскиот дел од маршрутата”, рече Боршберг пред медиуми. Според неговите зборови, авионот ќе треба да прелета над Тихиот Океан за пет деноноќија, што е прилично комплицирана задача. Потоа пилотите ќе прелетаат над САД и ќе се упатат кон Европа. Двајцата швајцарски пилоти го прават искуство за пат околу светот  со авион, придвижуван само со соларна енергија.

На 9 март “Солар импулс 2” полета од Обединетите Арапски Емирати во Оман. Следните  постојки беа во Индија и Мјанмар, а на 31 март слета во кинескиот мегаполис Чонгкинг.

Авионот “Солар импулс 2” е напредна верзија на прототипот кој леташе за прв пат пред пет години. Распонот на крилата му е 72 метри – повеќе од оној на “Боинг 747” (Boeing 747), но неговата тежина е речиси колку на автомобил – околу 2300 килограми.

Крилата на авионот се покриени со 17 000 соларни панели кои напојуваат четири електрични мотори и ги полнат литиум-јонските акумулатори кои му овозможуваат на авионот да патува и во текот на ноќта.

Теоретски, авионот може постојано да е во воздухот, бидејќи енергијата акумулирана во текот на денот, го напојува и во текот на ноќта. Максималната брзина му е околу 140 километри на час.