Дисциплинска комисија истражува сомнителна смрт на пациент во Штипската клиничка болница. Станува збор за 36-годишниот Ерол Мустафов, кој пред три дена, почина како пациент на болницата, откако таму бил донесен со силни болки во стомакот, објави штипската телевизија Стар.
Според роднини на Ерол, тој бил префрлан од едно на друго одделение, болницата немала доволно резерви на крв, но и покрај тоа, одлуката тој да биде транспортиран во Скопје, била донесена после неколку часа. Доцнењето, сметаат тие, било пресудно за лошиот исход зашто Мустафов починал на пат кон Скопје.
Ненадејната смрт на млад човек кој претходно никогаш не бил болен , на нозе ги крена најблиските на Ерол кои се едногласни во обвинивањата дека тој е жртва на негрижа и неажурност:
„ Докторите не покренале точна истрага за болеста, не преземале никаква интервенција….. има некои болести што не можат да се излечат, ама тоа најмалку ќе оди еден месец, два месеци, три месеци… така изненадно што умира, тоа е чисто сомнително“ рекоа роднини на Ерол.
Тие не можат да сфатат како во болницата никој не можел да утврди од што всушност Ерол е болен:
„Наводно имал внатрешно крварење. Какво е тоа крварење одеднаш, не знам. Целата работа е многу сомнителна“, вели Таир Мустафов, татко на Ерол.
Смртта на младиот Ерол беша причина за итно формирање на Комисија за медицинска етика и квалитет во лекувањето, која утврдува дали во неговиот случлај има пропусти на персоналот или не:
„Сите доктори и друг персонал кој бил во контакт со пациентот таа веќер ќе треба да дадат изјави за тоа што и како се случувало“, изјави д-р Александар Стојановски, дир. на Клиничка болница – Штип.
Сепак, работата на Комисијата ја отежнува фактот што роднините не дозволиле обдукција на телото:
„Потпишаа дека не сакаат обдукција и си го земаа телото на починатиот“, појасни д-р Стојановски.
Има ли лекарска вина и грешка во смртта на Ерол треба да утврди комисијата, но случајот освен на менаџерите од болницата е предмет на интерес и на министерот.