На мобилниот конгрес во Барселона Sony ги покажаа безжичните слушалки Xperia Ear Duo кои ќе се појават на пазарот во следните недели. Според потпретседателот на компанијата за „паметни бизнис производи“ – Хироши Ито, тие овозможуваат двојно искуство за слухот, откако го комбинираат слушањето на музика и добивање на известувања со звуците на вашата околина.
За таа цел се користи развој од програмата на Sony Future Lab, која овозможува да се пренесуваат и звуците кои се генерирани од надворешната средина и тие да се спојат со пуштената музика. Гласноста се менува динамично во зависност од тоа каде се наоѓате и од нивото на амбиенталната бучава, а за целта се користи технологијата Clear Phase, која освен тоа ги елиминира звуците кои дефокусираат.
Уредот ја нуди и функцијата Daily Assist 2, за да добивате потсетници за важни настани во текот на денот. Xperia Ear Duo исто така можат да бидат управувани со движења на главата, и на тој начин преку „климање“ можете да примате или отфрлате повици или да ја смените песната. Гласноста пак може да се регулира преку обично потчукнување врз уредот.
Слушалките ги поддржуваат и најпопуларните гласовни асистенти и со нивна помош ќе можете да си разговарате со Google Assistant и Siri. Тие се изработени од нерѓосувачки челик и имаат IPX2 водоотпорност против мокрење. Според официјалната информација вградената батерија обезбедува четири часа слушање музика, а во понудената во пакетот торбичка има вграден полнач, кој за седум минути полнење ви обезбедува еден час слушање музика.