
Во врска со клеветите изречени од една политичка партија Ве информираме за следново:
Ревизија на статистички податоци претставува стандардна меѓународна статистичка пракса која се применува во сите земји, вклучително и во Република Македонија. Оттаму, се работи за стандардна пракса која отсекогаш се применувала при што ревизиите биле во различна насока, односно некогаш во нагорна, а некогаш во надолна насока во зависност од изворите на податоци. Народната банка објавува јасни информации за текот и природата на ревизиите кои ги врши, во рамки на методолошките објаснувања, кои се дадени покрај сите видови официјални податоци кои ги објавува. Во случајов, и за странските директни инвестиции, но и за сите останати извештаи од областа на екстерните статистики, е објавена Политика на ревизија на податоците, каде се вели дека: “Податоците се ревидираат на редовна годишна основа, во рок од т+270 дена по истекот на извештајната година”. Впрочем политиката на ревизија е објавена и во Програмата за статистички истражувања за периодот 2013-2017 година.
Покрај ова, во методолошките појаснувања за директните инвестиции и билансот на плаќања е појаснето следното:
“За поткатегоријата сопственички капитал, за тековната година, извор на податоци за паричните влогови е платниот промет на банките со странство, а за стоковните влогови извор е единствениот царински документ (ЕЦД) за надворешнотрговската размена на Република Македонија. Податоците за претходните години се ревидираат на годишна основа, при што како дополнителен извор се користи Годишниот прашалник за вложувањата во земјата (ВС 22).
За поткатегоријата реинвестирање на добивката, за тековната година, се прават проценки врз основа на резултатите од кварталното истражување за остварениот и планираниот финансиски резултат во тековната година (КВС). Податоците за претходните години се ревидираат на годишна основа, при што како главен извор се користи Годишниот прашалник за вложувањата во земјата (ВС 22). “ Слично појаснување за основот за вршење на годишни ревизии е наведен и кај должничките инструменти, како дел од директните инвестиции.
Што се однесува до конкретната ревизија на податоците од септември 2016 година, за извештајната 2015 година, во извештајот платен биланс, како и секоја година во фуснота е појаснето дека се извршени ревизии кај категориите: директни инвестиции, примарен доход, секундарен доход, капитална сметка – поради вклучување на податоците од годишниот прашалник за вложувања во странство ВС 11 и ВС 22. Со тоа, се врши замена на претходно оценетите со податоци од годишниот прашалник за директни инвестиции добиен од фирмите со странски капитал, кој главно базира на завршните сметки. Притоа, согласно податоците од овој прашалник податоците за директните инвестиции во земјата, после ревизијата, се повисоки за речиси 60 милиони евра коешто главно произлегува од повисока реинвестирана добивка согласно со завршните сметки на компаниите.
Што се однесува на ревизијата на податоците за извештајната 2016 година, се работи за редовна квартална ревизија врз основа на резултатите од кварталното истражување за остварениот и планираниот финансиски резултат во тековната година (КВС), при што фирмите оценуваат дека ќе остварат повисок финансиски резултат од оној кој го предвиделе заклучно со првиот квартал.
Кабинет на гувернерот
Народна банка на Република Македонија