„Никогаш не сум дозволил да коментирам за ситуацијата, бидејќи ова се лични податоци. Ако ова што го кажуваш е вистина, јас се надевам дека е во ред“, изјавил бугарскиот министер за здравство Костадин Ангелов како одговор на прашањето на медиумите за здравствената состојба на сопругата на претседателот, Румен, Десислава Радева, јавуваат од БГНЕС.
Во текот на вчерашниот ден неколку различни медиуми објавија дека сопругата на Радев е примена во болницата „Св. Иван Рилски“, во Софија.
Дел од медиумите известуваат дека и биле направени сите испитувања за да се превенира евентуално дополнително влошување на состојбата, но не ја исклучуваат можноста, врз сопругата на бугарскиот претседател во текот на денешниот ден да биде извршена и посериозна интервенција.
Радева била примена на невролошкиот оддел во болницата „Свети Иван Рилски“ во понеделникот попладне откако се пожалила дека 12 часа има силна и непрекината главоболка. Испитувањата и ангиографијата, како што пишуваат бугарските медиуми, покажале дека таа има три аневризми во мозокот.
Запрашан и за лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов со оглед на претстојното отворање на новиот парламент, Ангелов рече дека не е свесен за состојбата на Трифонов, но се надева дека ќе се опорави, како и многу бугарски граѓани.
„Факт е дека Слави Трифонов е во изолација. Изолацијата и карантинот се два поима – позитивните се под изолација, а контактите од првата линија – под карантин“, им се обратил Ангелов на медиумите.