Ри Сол Џу, сопругата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, се појави во јавноста за првпат по една година, пренесуваат државните медиуми.
Ри му се придружи на сопругот на концертот во вторникот по повод роденденот на таткото на Ким Јонг Ун и поранешниот лидер Ким Јонг Ил, кој почина во 2009 година.
Таа отсекогаш била со сопругот на важни настани во минатото, но од јануари минатата година не беше видена во јавноста.
Нејзиното непојавување во јавноста предизвика шпекулации за нејзиното здравје или потенцијална бременост.
Разузнавачката агенција на Јужна Кореја наведува дека Ри избегнувала јавни настапи поради загриженост во врска со ковид-19, но и затоа што сакала да поминува време со децата. Според официјалните податоци, Северна Кореја не забележала ниту еден случај на ковид.
Медиумите наведуваат дека двојката била насмеана и расположена на концертот, а Би-Би-Си додава дека тие не носеле маски и не држеле на дистанца.
Ри Сол Џу потекнува од богато семејство. Нејзиниот татко бил професор, а нејзината мајка акушер. Медиумите наведуваат дека Ри има 31 година и дека пред нејзиниот брак била пејачка во оркестарот Унхас, елитна трупа чии членови ги избира државата.
Се верува дека таа се омажила за Ким во 2009 година и дека бракот бил договорен брзо по мозочниот удар на Ким Јонг Ил во 2008 година.