Сопругот на косовската претседателка Вјоса Османи, Приндон Садриу, кој е в.д. амбасадор во Македонија, го оштетил буџетот за 396 евра и 80 центи.
Толку незаконски бил платен како надомест на делумните трошоци за лекување од Ковид-19, пренесува„Економија онлајн“.
Според порталот „Demokracia.com“, Министерството за надворешни работи и дијаспора незаконски го одобрило барањето за делумно покривање на трошоците за неговото лекување, иако од доставените фактури се гледа дека тој се лекувал во Приштина.
Садриу на 22 декември 2020 година до министерството испратил барање за надомест на трошоците во износ од 396 евра и 80 центи, иако дипломатите кои се на лекување во Косово немаат право на надоместок на медицинските трошоци.
Садриу тогаш беше советник во амбасадата во Скопје, а Вјоса Османи беше в.д. претседателка на Косово.
Во барањето за надоместување на трошоците за лекување стои и дека Садриу ги известил надлежните за немање фактура од 40 евра, но приложил фискална сметка.
На крајот од своето барање, како што се наведува, Садриу се однесувал како „вистински господин“, велејќи дека не барал враќање на парите за „четири лабораториски анализи направени во приватни лаборатории, кои чинат околу 350 евра, и две снимки на белите дробови со скенер, кои чинеле вкупно 450 евра“.
Во текстот се наведува и дека просечната цена на индивидуалните трошоци за лекување за време на инфекција со Ковид 19 е околу илјада евра, а граѓаните на Косово постојано се жалат на финансиската неможност да ги покријат сите трошоци.