Рускиот претседател Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот разговараа за можното снабдување на Европската унија со руската вакцина против коронавирусот „Спутник V“, објави Кремљ по видео конференцијата на тројцата лидери.
За време на конференцијата, посебно внимание беше посветено на здружување на силите во борбата против пандемијата.
„Во овој контекст, лидерите разговараа за мерките за спречување на понатамошно ширење на болеста“, се вели во соопштението.
Путин, Меркел и Макрон разговараа за изгледите за регистрација на руската вакцина во Европската унија, можноста за испорака и заедничко производство во земјите на ЕУ, пренесува ТАСС.
Почитување на човековите права
Кабинетот на Макрон потврди дека францускиот претседател и германската канцеларка разговарале со Путин за соработка во врска со вакцините.
Макрон и Меркел му порачале на Путин дека очекуваат тој да ги почитува правата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални и да го заштити неговото здравје.