Состанок со Одделот за статистика на ММФ: Народната банка објавува висококвалитетни статистички податоци

352 прегледи

И покрај предизвиците со пандемијата, Народната банка објавува висококвалитетни статистички податоци, коишто се усогласени со највисоките меѓународни стандарди коишто ги исполнуваат само 26 земји во светот. Особено важно е првото објавување на статистиката на финансиските сметки на крајот на минатата година. Значајно е што Народната банка ги оствари статистичките истражувања без доцнење, со задржување на квалитетот.

Ова се дел од констатациите од состанокот на дел од тимот на Народната банка со тимот на Одделот за статистика на ММФ, во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка.

На состанокот беше нагласено дека е важно што нашата централна банка се вбројува меѓу носителите на статистички истражувања коишто не само што во досегашниот период од кризата немаа прекин во истражувањата, туку и направија методолошки подобрувања и воведоа нови и подетални податоци. Како што беше истакнато, таквата подготвеност е важна, затоа што секојдневно се зголемува потребата од повеќе грануларни податоци и нив, во натамошниот период, ќе може да ги обезбедуваат само носители на статистички истражувања коишто се подготвени да ги следат новите стандарди и практики. Во тој контекст, се разговараше и за согледаните натамошни предизвици во сферата на статистиката, според досегашните видувања на ММФ.

На состаноците во рамките на Пролетните средби коишто се одржаа досега е заклучено дека соработката меѓу Народната банка и ММФ на експертско оперативно ниво е одлична и се разговара за сфери во коишто понатаму може да се соработува. Инаку, во изминатиот период, Народната банка има добиено техничка поддршка од ММФ во шест области.

Слични содржини